03.06.2022

Аеродромци не дозволија изненадување, го одбранија домашниот терен во првиот финален меч против Пелистер (91:76)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ – ФИНАЛЕ: Прв шампионски бал за МЗТ Скопје Аеродром!

МЗТ Скопје Аеродром е чекор поблиску до одбрана на шампионската титула, откако беше подобар од предизвикувачот во финалната серија на Плеј-офот – Пелистер. По релативно израмнетото прво полувреме, бранителот на шампионска титула одигра фуриозна трета четвртина, во која го скрши отпорот на битолските „зелено-бели“. За водство од (1-0) во финалето кое се игра според форматот „подобар во пет натпревари“.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР           91:76 (1-0)

Гостите од Битола водеа само во првите пет минути од првиот финален меч. По тројката на Малешевиќ имаа предност од (10:7). Но во другиот дел од првата четвртина, бранителот на титулата го сврте резултатот во своја корист. Во две минути направија мини серија од од (8-2) за преземање на впдството (15:12), а до истекот на првата четѕвртина, „металците“ побегнаа на уште повисоки (23:18).

Не застанаа ни во продолжението на првото полувреме. Многу брзо имаа и (28:20), потоа и (31:22), со веќе опробан и “проверен рецепт“, погодуваа сите кои влегуваа во игра. Што е поважно, со висок процент на реализација од дистанца.

Но свој збор во овој натпревар имаа и гостите од Битола. Вратија со своја серија од (11-2) со која стигнаа до израмнување. По 12.поен на Кесар, беше (33:33), по нецели пет минути играње во вториот период од финалето. Празните минути во играта на МЗТ Скопје Аеродром ги прекина Војдан Стојановски, со тројка (36:33).

Од тој момент, финалето број 1 премина во еден „помирен тек“, ниту еден од финалистите не успеа да се стекне со некоја поголема позитива.

Сепак, по тројката која стигна од Дејвис, домаќинот имаше плус 5 (46:41), на неполни две минути пред крајот на полувремето. За Рикиќ, макар и половичен од линијата за слободни фрлања да постави уште повисоки (47:41) по 20.минути игра од финалниот меч број 1.

Мини-серијата од пет поени на Мекиќ, по трет пат донесоа највисоки (65.56) за домашната екипа, како што беше во 26.минута. Минута подоцна, МЗТ Скопје Аеродром имаше максимална разлика (66:56). Но тука не беше крајот на серијата, со пет поени од В. Стојановски (9-0), првакот имаше и (71:56). За втор, брзо потрошен тајм-аут на тренерот Марјан Илиевски.

Без помош, затоа што Војдан Стојановски погоди нова, четвртта за него тројка, за уште повисоки (74:58).Таа најефикасно одиграна трета четвртина за актуелниот шампион, заврши со слични (75:60).

Добар дел од негативата симнаа битолчнаи во пет минути од последниот период. Имаа едноцифрено заостанување по тројките на Кесар и на Ѓуроски (68:77). Имаа битолчани уште пониски (73:80), но и сериозни проблеми со реализацијата за слободни фрлања (пред се, Малешевиќ). И наместо пониска негатива, ги стигна казна. „Металците“ одново „побегнаа“ на недостижни (87:73) на нецели три минути пред крајот.

Четири од петте стартери во домашната екипа (освен Рикиќ, кој заврши со седум реализации) имаа двоцифрен број на поени. По 19 имаа Војдан Стојановски и Милошевиќ, Ајви даде 11, а Дамјан Стојановски уште 10.поени.

На другата страна, стандардно добро играше Кесар, и финишираше со 22.поени, додека 15. дојдоа од неговиот партнер (само во нападот), Малешевиќ.

Вториот натпревар од финалната серија ќе се игра на 5. јуни (недела), од 18.30 часот, во Битола, каде домаќин ќе биде Пелистер.

По првиот меч МЗТ Скопје Аеродром има почетни (1-0) во серијата во која нов шампион ќе биде екипата која прва ќе стигне до три победи.