02.04.2024

Екипата од „Градски парк“ има и најмал број на загубени топки во регуларниот дел од сезоната

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ТИМСКА СТАТИСТИКА ПО 22. КОЛА: Работнички го има најдобриот напад, најдобро шутира за три поени и најмногу скока...

Екипата која има најдолга серија на победи во првата фаза од лигата, и заврши на делба на првото место – Работнички, има најдобар тимски ефект по одиграните 22.кола.

Тоа го покажуваат и бројките во статистичкиот центар на КФСМ.

Велат дека „црвено-белите“ се екипа која го има надобриот напад меѓу оние 12. прволигаши. Во просек, избраниците на тренерот Горан Самарџиев реализирале по 90. поени, што е доста повеќе во однос на конкуренцијата која во ова статистичка категорија ја чинат екипите на Чаир 2030 и на Еуро Никел 2005 кои се на просек од 84.9 поени.

Работнички е лидер и во категоријата – скокови. Во досегашниот дел од првенството, во просек имаат по 41.скока. Следува Чаир 2030 со просек од 40.1, пред МЗТ Скопје Аеродром со просечни 39.8 скока по натпревар.

Работнички е тимот кој шутира најдобро за три поени во изминатиот дел на нашата елитна лига. Има високи 36.8% на успешност од оваа позиција, пред екипите на Еуро Никел 2005 и на Феникс 2010, кои интересно, имаат идентичен просек – од 35.5% во обидите вредни три поени.

Работнички е најдобар тим во лигата и во категоријата на „загубени топки“. Во просек губеле по 12.5 топки на еден првенствен натпревар, нешто помалку во однос на Кожув со 12.7, и Феникс 2010 чии играчи во просек губеле по 12.8 топки.

Кошаркарите на Пелистер се лидери според бројот на успешни додавања. Во просек „зелено-белите“ имаат по 20.6 асистенции на еден првенствен натпревар. Зад нив е екипата на Работнички со 19.9, додека трет во оваа фаза од Првата лига е Феникс 2010 со 18.5 асистенции по натпревар.

Инаку, „пелистерци“ се најдобри во уште една статистичка категорија – шутот за два поени. Процентуално погодуваат со 60.4% во обидите вредни по два поени, со кои се пред Работнички, чии играчи го прават тоа со 59.2% на успех, и МЗТ Скопје Аеродром, чиј коефициент на точност е на 58.7%.  

Што се однесува за процентите во шутот за еден поен, во оваа фаза предначи екипата на Еуро Никел 2005, која има највисоки 77.0% реализација од линијата за слободни фрлања. Следуваат, повторно Работнички, со 74.4%, а ист процент има и екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

Лидерот по 22 одиграни рунди, МЗТ Скопје е водечки на листата на екипи со најголем број на освоени топки. Во просек, аеродромци имаат по 8.23 украдени топки, заедно со Чаир 2030, додека екипата на ТФТ Моцарт е на третото место со точно осум освоени топки по натпревар.

„Сино-белите“ се и први на листата на најдобри блокери, затоа што во просек нивните играчи блокирале по 3.32 пати во текот на една првенствена средба. Зад нив е екипата на Гостивар со 3.18, следува Еуро Никел 2005 со 2.68 блокирани обиди.