26.05.2022

Како утешни се покажаа триумфите против Куманово и Кожув во последното коло од Лигата за опстанок

ПРВА ЛИГА-МАЖИ – 10.КОЛО ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА: МЗТ Скопје Уни Банка и Ангели со победи се преселија во Втората лига

Екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и на Ангели со победи се простија од играњето во елитното друштво.

Од она што се нарекува Прва лига, младите кошаркари од Аеродорм се збогуваа со убедлив триумф против „домашниот“ состав на Куманово 2009, додека пак истото, но на гостински терен го направија и играчите на Ангели.  

МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – КУМАНОВО 2009     94:64

До петтиот триумф, а трет откако кормилото на тимот го презема Бојан Христовски, младите „металци“ стигнаа со константно добра игра. Рака на срце, пред себе имаа еден сосема поинаков состав од Куманово, кој требаше да ја одработи последната задача пред летниот распуст. Екипа во која играа само млади играчи, дел од школата на клубот од Куманово.

Оттука далеку „поискусните“ играчи на МЗТ Скопје Уни Банка лесно се справија со противникот, каму евидентно, му недостасува играње на вакви натпревари – прволигашки.   

Сите пет стартери во домашната екипа завршија како „двоцифрени“, најмногу, 20.поени, уфрли Митевски, Петровски имаше 15, а Андоноски и Василевски по 14. Во гостинската екипа, 23. даде најискусниот меѓу нив, Глигоријевиќ, а четири помалку имаше Димовски.

Со ефект (5-27), екипата на МЗТ Скопје Уни Банка во следната сезона ќе игра во Втората лига.

КОЖУВ – АНГЕЛИ           80:84

Многу доцна почнаа да играат како што треба за Прва лига, кошаркарите од Драчево. Ниту победничката серија во Плеј-аут конкуренцијата не се покажа како доволна за нешто повеќе од чесно „збогум“ од играњето во Првата лига.

Го покажа тимот кој во овој втор дел од сезоната од клупата го предводи Бобан Митев, и на последниот прволигашки меч, гостувањето во Гевгелија каде против одамна осигурениот Кожув стигнаа до десеттата победа во 32 одиграни натпревари.

За жал, по нив, недоволно да се избегне преселбата во понискиот ранг на натпреварување.   

Атанасов реализираше 21, а Милков уште 20.поени во десеттата победа за Ангели во премиерниот настап во Првата лига, додека на другата страна, далеку најефикасен беше Колев, стрелец на 35. поени, додека 20 дојдоа од единствениот странец кој играше за Кожув на овој последен натпревар во сезоната, Декардо Деј.              

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА

РЕЗУЛТАТИ 10.КОЛО

МЗТ Скопје Уни Банка – Куманово 2009             94:64

Кожув – Ангели               80:84

Навико Академија ФМП – Работнички                68:76

КОНЕЧНА ТАБЕЛА

7.Навико Академија     17-15

8.Работнички   14-18

9. Кожув              13-19

10.Куманово 2009           12-20

* 11.Ангели           10-22

* 12. МЗТ Скопје Уни Банка          5-27

* Екипите на Ангели и на МЗТ Скопје Уни Банка во следната сезона ќе играат во Втората лига