21.04.2022

Во екстра периодот од пет минути, славеа прв суперлигашки триумф (69:66) со кој остануваат во игра за плеј-оф позициите

ПРВА ЛИГА-МАЖИ – 2.КОЛО-СУПЕРЛИГА: Феникс 2010 победува и во Суперлигата, тоа го почувствува и Гостивар

Во првиот натпревар oд второто коло од Суперлигата одигран во Гостивар, победникот беше решен дури во екстра периодот од пет минути. Иако помлади, гостинските кошаркари делуваа посамоуверено од домашните, и стигнаа до прв суперлигашки триумф во своето постоење.

ГОСТИВАР – ФЕНИКС 2010          66:69

Гостиварци беа нешто подобар противник во првото полувреме, кое, впрочем и го решија во своја корист со (37:30). Но гостите од Скопје успеаја да се вратат по паузата од 15. минути, да заиграат нешто подобро, пред се, во одбраната. Доволно да се приближат на достижна негатива. На домаќините им дадоа да реализираат само девет поени во третиот дел од играта, дадоа пет повеќе, па во последниот дел, двете екипи влегоа со скоро подеднакви шанси за успех.

Гостивар имаше само два поени предност (46:44).

Сигнал дека финишот на овој,сиромашен, со поени меч во салата „Младост“ ќе премине во драматичен.

Така и беше, на две минути пред крајот, по поените на Михајлоски, Гостивар водеше со минимални (54:53). Силаџи ја зголеми предноста откако погоди едно слободно фрлање (55:53), по што следуваше тајм-аут за гостинската екипа.

Тодоровиќ и Петков разменија по два поени, за (57:55), и само 35.секунди за конечен епилог на овој натпревар. Тодоровиќ, несвојствено за него, ги утна двете слободни фрлања. Казни веднаш Вилијамс за нерешени (57:57), на седум секунди пред крајот, во кои новата шанса за победа на Гостивар ја прококца искусниот Јанески.

Во дополнителните пет минути, младите играчи на Феникс 1010 делуваа мошне поискусно во однос на противникот. А тројките на Михајлоски и на Трајковски им овозможија водство од (63:57) и многу покомфорна игра, а доста „стегната“ на спротивната. Сепак, по тројката на Тодоровиќ, Гостивар се врати на  егал (65:65). Следуваа нови два поени од младиот Петков, па половичен ефект на Рансом, од истата позиција, линијата за слободни фрлања, за (66:67).

Поените за победа ги донесе Митревски, на 21 секунди погоди за (69:66). А лошо организираниот напад на гостиварци за ново продолжение прво не го реализира Димитриески, а пото и Силаџи. За голема победа на Феникс 2010, за скор (13-11) и делба на позицојата број 5 на табелата по две одиграни суперлигашки кола.   

СУПЕРЛИГА

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2. КОЛО

Гостивар – Феникс 2010               66:69

23.АПРИЛ (САБОТА):

17.00: Пелистер – ТФТ

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

https://youtu.be/hF5Ze0DxTxk

25.АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005

Сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

https://youtu.be/fPG2-gVCR-M

ТАБЕЛА: Пелистер (21-2), МЗТ Скопје Аеродром (19-4), Еуро Никел 2005 (15-8), ТФТ (14-9), Гостивар (13-11), Феникс 2010 (13-11)