28.04.2022

Шампионот испушти плус од 20 поени кои ги имаше во втората четвртина, но на крајот го совлада дебитантот во Суперлигата (78:70)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ – 3. КОЛО – СУПЕРЛИГА: Трајковски не можеше сам против МЗТ Скопје Аеродром! (ФОТО)

За малку, малку ќе им беа оние плус 20.поени (31:11) кои „гостите“ ги имаа на почетокот на втората четвртина. Младиот состав на Феникс 2010, предводен од одличниот Бојан Трајковски (дабл-дабл од 25.поени и 17.скока), стигна и на минус од два поени, но остана без енергија во последните пет минути од дуелот „на соседите од Јане Сандански“. 

ФЕНИКС 2010 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ            70:78

Извонредна прва четвртина одиграа „гостите“. Едноставно не знаеја кошаркарите на Феникс 2010 од кого да се бранат. Делуваше беспрекорно нападот на МЗТ Скопје Аеродром во тие воведни минути од последниот меч од третото суперлигашко коло.

Погодуваа буквално сите кои беа стартери или влегуваа како заменици...

Оттука не беа воопшто изненадувачки и бројките на семафорот во СЦ „Јане Сандански“ кои беа запишани по десет минути од играта (23:11). Во исто, убиствено темпо продолжија „сино-белите“, и по новата серија од осум поени, стигнаа и до плус 20 (31:21).

Сепaк, тоа не ги откажа момците кои ги предводи тренерот Денис Дервишевиќ. Преку нивниот најискусен кошаркар, Бојан Трајковски, полека се „враќаа“ во натпреварот. И на истекот на вториот период таа негатива ја стопија на едноцифрена, (35:44).

Но тројката на Николов (негов 12. поен во првото полувреме), ги постави работите „на своето место“, барем за неговата екипа (47:35).    

Премногу осамен во напаѓачките активности беше Трајковски и во продолжението на средбата. Немаше вистинска поентерска логистика против екипа која знае да казнува такви ситуации. МЗТ Скопје Аеродром со далеку „подлабок ростер“ имаше контрола над резултатот.

На истекот на третата четвртина водеше со уште повисоки (66:48).

Мала надеж на „фениксовци“ им донесе серијата (11-0) во која Трајковски даде нови седум поени (вкупно 25) на почетокот на последниот квотер. Беше доволна да намалат на, и тоа како достижни (59:66). Сето тоа во само три и пол минути игра во кои, конечно, доби помош од соиграчите, во овој случај, од Михајлоски, кој „симна“ и на уште пониски (64:68).  

Серијата, на (18-2), ја пролонгира Стојановски, за -2 (66:68) на половина од четвртината која се претвори и во одлучувачка.

Но во наредните три минути предизвикувачот остана без „муниција“. Шампионот направи, се чини, победничка серија, од седум поени, со која „побегна“ на тешко достижни (75:68).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ - СУПЕРЛИГА

РЕЗУЛТАТИ 3. КОЛО

Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром  70:78

Еуро Никел 2005 – ТФТ 67:55

Пелистер – Гостивар    71:72

ТАБЕЛА: Пелистер 22-3, МЗТ Скопје Аеродром 21-4, Еуро Никел 2005 15-9, ТФТ 14-10, Гостивар 13-11, Феникс 2010 13-12;