Без Џошуа Вилијамс кој вчера си замина и без повредениот Бојан Трајковски, екипата на Феникс 2010 приреди големо изненадување и го победи актуелниот вицешампион Еуро Никел 2005.
ФЕНИКС 2010 - ЕУРО НИКЕЛ 2005 76:67
Дебитантот во елитата славеше со (76:67) за продолжување на шансите за пласман во плејофот што би била првокласна сензација во исклучително интересната и необична сезона во домашното првенство. На општо изненадување, највисокото водство на Еуро Никел изнесуваше само два поени разлика, а кавадарчани водеа само на почетокот со (2-0 )и (32-31) во втората четвртина.
И покрај тоа, натпреварот беше израмнет до пет минути пред крајот на мечот. Феникс 2010 ја доби првата четвртина со 21-11, а потоа Еуро Никел направи пресврт и на полувреме беше нерешено. Во последните пет минути се влезе со (61:58) за домашниот тим по што следуваше клучната серија на Феникс 2010.
Играчите на Денис Дервишевиќ направија (15-1) за четири минути и поведоа со (73:59) со што го решија победникот бидејќи за Еуро Никел 2005 немаше време за пресврт.
Павле Михајлоски го одигра натпреварот на сезоната постигнувајќи 28 поени и тој го надополни отсуството на Трајковски. На спротивната страна се истакна Димчевски кој постигна 16 поени, а во првото полувреме погоди четири тројки од четири обиди.
Со оваа победа Феникс 2010 се доближи на само еден бод од четвртопласираниот ТФТ и најави пеколни последни пет кола во Суперлигата.