Битолчани беа подобри во финалниот период од натпреварот во кој имаше голем број на резултатски пресврти, ги освоија бодовите кои им значат многу во битката за првата стартна позиција, за гостиварци дојде крајот на серијата на победи која ги донесе на високото трето место кое го делат со Еуро Никел 2005.
ГОСТИВАР – ПЕЛИСТЕР 84:89
Апсолутно рамноправен беше натпреварот во салата „Младост“ во првите 20.минути од дерби дуелот на 8 коло од Суперлигата. Ниту една од двете екипи не направи некоја опиплива предност, па и на полувремето поделија по 42 поени.
Ништо не се промени во играта на двата ривали и по големиот одмор. Практично се играше „кош за кош“, без некое резултатско „одлепување“.
Условно кажано во предност беше Гостивар затоа што имаше четворица „двоцифрени“ во нецели три четвртини од средбата, особено важна во обидите да се дојде до третото место на табелата во Суперлигата, за разлика од нив, во Пелистер поентерски се одвои стандардниот двоец Малешевиќ-Кесар. А по три одиграни четвртини, битолчани имаа минимални (60:58).
Но гостиварци тргнаа подобро во четвртината на одлука. Поведоа со (65:62), пред да се случи прекинот по кој официјалните лица ја испразнија салата, но и клупите на двете екипи.
По паузата битолчани се снајдоа подобро. Почнаа да реализираат зад линијата 6.75 метри. Прво две „врза“ Младеновиќ, а серијата, со три точни обиди ја продолжи искусниот Караџовски, за Пелистер да „побегне“ на недостижни (88:80), и да победи.
И да го одржи чекорот со МЗТ Скопје Аеродром кој им „бега“ една победа пред последните две кола од Суперлигата. Во исто време „зелено-белите“ ја прекина асеријата на победи на Гостивар, кој сега има скор (17-13) каков што има и Еуро Никел 2005 на делба на позицијата број 3.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
СУПЕРЛИГА – РЕЗУЛТАТИ 8. КОЛО
ТФТ – Еуро Никел 2005 73:75
Гостивар – Пелистер 84:89
МЗТ Скопје Аеродром – Феникс 2010 92:68
TAБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 26-4, Пелистер 25-5, Гостивар 17-13, Еуро Никел 2005 17-13, ТФТ 16-14, Феникс 2010 14-16;