27.05.2023

Во „репризата“ на ланската финална серија, во недела (од 18.часот), во СЦ „Јане Сандански“ стартува уште една...

ПРВА ЛИГА-МАЖИ- ФИНАЛЕ: Пелистер игра за историски прв, а МЗТ Скопје за десетти шампионски пехар

Пелистер за прв пат, или МЗТ Скопје по десетти јубилеен пат, кој од овие две екипи ќе биде новиот шампион на Македонија за сезоната 2022/2023.

Одговор на ова прашање треба да го даде серијата на големите ривали која поради предноста која ја има актуелниот бранител на титулата, ќе стартува пред нивата публика, онаа во СЦ „Јане Сандански“.

Стартот е означен за 28.мај, во недела, од 18.часот.

Ќе се игра спроед принципот, „кој прв до три победи“. Но со мала измена, првите два натпревари од серијата, ќе се играат во Скопје, третиот, извесно во Битола, ако е потребно, на истиот терен ќе се игра исто така во салата „Боро Чурлевски“. Додека евентуалната „мајсторка“ одново ќе биде онаму каде што оваа серија стартува - во Скопје.

Во оној регуларен дел од сезоната, двата големи ривали, кои се бореа за титулата и во ланскиот серијал кој заврши со резултат (3-1), шампионот ги доби двата натпревари, и тоа беше една од причините што ја освои „единицата“, и тоа како важна за оваа втора плеј-оф фаза.

Лани, во нападот на шампионскиот трон, Васил Атанасов беше во улога на асистент-тренер, во оваа, по заминувањето на Драган Николиќ, има шанса да дојде до првиот шампионски трофеј во својата, не така долга, тренерска кариера.

„Секогаш е чест да се игра во финалето, кое треба да биде кулминација на сѐ што е направено досега сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме.

Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме.

Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“- вели Атанасов пред почетокот на финалето.

Колку е Пелистер подготвен да тргне во финалните пресметки со фаворитот за шампионската титула. Прашњњето оди кон Димитар Караџовски, еден од најискусните во редовите на „предизвикувачот“?

„Имавме десетина дена за подготовки, а она што мене ме радува е што по не знам колку време за прв пат сме комплетни, и мислам дека оваа пауза добро ни дојде, малку да работиме, и да се подготвиме уште повеќе за она што следува во финалето. Што ќе биде од тоа, ќе видиме во недела попладне“- смета Караџовски.

Дали може оваа серија да се споредува со онаа ланската. Колку е Пелистер е подготвен да ја симне круната на шампионот?

„На некој начин може да се споредува ситуацијата, макар што оваа сезона системот за натпреварување е малку чуден. Односно за првпат се игра вака кај нас. Првите два натпревари да се играат таму. Но ајде малку да бидам и реалистичен но и оптимистичен Со една победа таму, мислам дека ќе бидам задоволен, не само јас, туку и цела екипа, целиот град. Со една победа таму, автоматски закажуваме два натпревари во Битола, што е особено значајно и важно за сите нас. Јас би целел кон тоа, со една победа да се вратиме во Битола“ - гласат очекувањата на организаторот на играта на „зелено-белите“ пред мечот број 1 во Скопје.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ – ПРВ НАТПРЕВАР

28. МАЈ (НЕДЕЛА)

18.00: МЗТ Скопје Аеродром - Пелистер

Сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/MbpN4oiRR4s?feature=share