Иако одамна е познато се, мора да се доиграат и последните мечеви од Плеј-аут конкуренција, онаа во која екипите на Навико Академија ФМП и Чаир 2030 го задржаа прволигашкиот статус.
НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – СТРУМИЦА 2022 91:87
Еден потполно израмнет натпревар, во кој на крајот победата ја однесоа домашните кошаркари, и го оправдаа статусот на прволигаши и во следната натпреварувачка сезона.
Без ниту еден странски кошаркар, и во поголем број млади играчи, домашната екипа успеа да стигне до триумфот, макар што во најголем дел од играта се водеше доста рамноправна битка.
Откако во претходниот круг на натпреварите најавија штрајк, и не го одиграа мечот од 4. коло, струмичани допатуваа во Скопје со осум, а на оваа средба заиграа само шест кошаркари, половина од нив странски.
Коскоски со 27, и Златевски со 23.поени го предводеа домашниот состав до уште една победа во доигрувањето за опстанок во друштвото на најдобрите.
Обиквели даде 36, а Мамузиќ имаше уште 21 на страната на Струмица 2022.
Претходно во овој круг на натпреварите, Куманово 2009 беше подобар од екипата на Чаир 2030 , победи на гостински терен (110:101), но тоа е недоволно во трката за останување во друштвото на најдобрите која завршува во наредните два дена.
Најпрво, утре вечер, од 17.часот, Навико Академија ќе го одигра дуелот со Чаир 2030, додека пак ден подоцна, од 19.30 часот, Струмица 2022 е домаќин на Куманово 2009.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ - ПЛЕЈ-АУТ
РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО
Навико Академија ФМП – Струмица 2022 91:87
Чаир 2030 – Куманово 2009 101:110
ТАБЕЛА: Навико Академија ФМП (9-2), Чаир 2030 (8-3), Куманово 2009 (3-8) Струмица 2022 (2-9)
ИДНО КОЛО (23/24. МАЈ)
Навико Академија ФМП – Чаир 2030
Струмица 2022 – Куманово 2009