Втор натпревар од финалето, и втора победа за екипата која го брани трофејот. МЗТ Скопје не го даде својот терен, ја искористи предноста која ја носи играњето пред својата публика. За разлика од првиот меч во СЦ „Јане Сандански“, му даде мала шанса на противникот во последната четвртина. Но битолчани, евидентно, не се подготвени да победуваат во Скопје. А ако сакаат да „останат во финалето“, ќе мора да победат во Битола.
Вака, МЗТ Скопје е на само еден чекор до новата, десетта за нив титула во историјата.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ПЕЛИСТЕР 75:67 (2-0)
Вториот натпревар од финалето, во многу наликуваше на оној првиот, одигран на исто место во СЦ „Јане Сандански“.
Екипата која го брани шампионскиот трофеј, одигра далеку подобро од онаа која има желба да стигна до својот прв пехар наменет за најдобрата екипа во шампионатот.
Но битолчани се далеку од тие нивни желби, ако се земе в предвид нивниот тимски ефект прикажан во најголем дел од првото полувреме.
Или 20 минути во кои МЗТ Скопје Аеродром иако не блескаше, некако премногу лесно стигна до позитива од 15.поени (42:27) како што стоеше на семафорот во 17.минута од играта.
Имаа двоцифрен плус „сино-белите“ и во воведниот дел, во осмата минута по кошот на Андоноски, кој добива се поголем број минути од тренерот Атанасов (во првото полувреме имаше девет реализации), веќе беше (23:13), за првиот период да биде затворен со (25:17).
И уште една партија на Војдан Стојановски за која истакна кандидатура за најкорисен играч на финалната серија на плеј-офот.
Секако, не само поради оние десет поени реализирани за краток временски рок. Многу повеќе поради онаа лидерска способност, да го „влече“ својот тим кога е за тоа и најпотребно.
А овие натпревари се токму такви...
„Пелистерци“ дури и можат да бидат задоволни со епилогот на првото полувреме. Заостануваа „само“ девет поени (35.44), затоа што ги искористија грешките во серија на аеродромци во оние две и кусур минути од втората четвртина.
Но и квалитетите на Андреј Маслинко, кој пак е „противкандидат“ на В. Стојановски во трката за најкорисен во финалето. Со 15. Поени, беше далеку понапред во однос на соиграчите, следен според бројот на реализации беше Карутерс (даде осум поени).
В.Стојановски продолжи со својата ефикасна игра, заедно со Абу, потоа и Кефи, беше „фактор“ што водството на „металците“ во продолжението од второто финале беше во рамките на двоцифрено.
Од друга страна, покрај, Маслинко, „се појави“ Карпентер, како втор „двоцифрен“, но не баш доволно за некој посериозен чекор понапред за битолчани во обидите да се вратат во натпреварот.
По три четвртини, МЗТ Скопје беше „мирен“, на позитива од 12.поени (62:50). И многу блиску до втората победа во финалната серија...
Но во оној последен дел, бранителот на круната сепак им даде шанса на битолчани. Уште една серија на грешки на „сино-белите“, го донесе Пелистер на достижна негатива, од само шест поени (63:69), а нешто потоа и (65:71).
Имаа три напади гостите таа негатива да ја сведат на уште пониска. Но само до моментот кога Војдан Стојановски го направи потегот на вечерта, односно поделен на „два дела“.
Прво освои една топка во својот рекет, а во истата акција ја погоди и клучната тројка, за (74:65), со која ја потврди втората победа во финалето за екипата која го брани пехарот.
Застана на бројката од 23 реализации (шут од игра 8/14 односно 57%), Абу имаше 15, Кефи 12, исто колку што постигна и Андоноски.
Кај Пелистер, кој ќе биде домаќин на наредниот трет натпревар (овој викенд), четворица стартери дојдоа до двоен број на поени. Покрај Маслинко, кој закочи“ на 16 поени, 14 додаде Карпентер, Карутерс броеше до 12, а Хаџифејзовиќ имаше уште 11. поени.