Екипата од „Градски парк“ е во голема резултатска предност. Во досегашните 160 одиграни натпревари, „води“ со (91:69), но разликата, барем во последно време е сериозно намалена од страна на екипата од Аеродром.
Впрочем, бранителот на шампионската титула ги доби и двата натпревари во оној регуларен дел од сезоната.
Интересно, „сино-белите“ делуваа многу поубедливо на гостински терен, во СРЦ „Кале“ славеа со (66:47), додека пак многу понеизвесно беше на средбата одиграна во СЦ „Јане Сандански“ во која го скршија отпорот на противникот во самата завршница, победија со ниски (91:87).
Васко Атанасов од пред извесно време, односно прекинот на соработката со Драган Николиќ, е во улога на прв тренер на МЗТ Скопје Аеродром:
„Пресметките против Работнички секогаш носат посебен предизвик, а со тоа и одговорност, да се даде се од себе. Полуфиналето се игра до две победи, поради што нема простор за опуштање. А тоа воедно носи и дополнителен мотив да се даде максимумот од првиот до последниот момент. Ја прифаќаме улогата на фаворит. Но далеку од тоа дека ќе биде лесно. Веруваме во себе и во квалитетот кој го поседуваме, и ако одиграме како што знаеме тогаш победата ќе биде многу блиску. Очекувам спектакл каков што заслужува едно вакво големо дерби, секако со радосен епилог за нашиот тим на крајот“ – смета новиот предводник на „металците“ од клупата.
Капитенот на Работнички, Горјан Марковски ја стишува еуфоријата по „преминот“ преку Гостивар во полуфиналето на плеј-офот, а пред почетокот на серијата со вечниот опонент од Аеродром. И што е поважно, двете екипи да му го вратат сјајот на дербито, синоним за македонската клупска кошарка.
„Со оглед на тоа што сезонава започна со една цел и амбиција, па во текот на сезоната се сменија работите во клубот со новите спонзори, можам да кажам дека заслужено се наоѓаме меѓу најдобрите четири екипи во Македонија. Успеавме да ја поминеме екипата на Гостивар во четвртфиналето, нанесувајќи им го првиот пораз на домашен терен во сезоната, и тоа во одлучувачкиот натпревар, кажува дека КК Работнички е екипа што има карактер и победува на најважните натпревари.
Нè очекува ‘вечното дерби’ во полуфиналето каде што на хартија фаворит е МЗТ Скопје. Но одиме да го дадеме максимумот и без предавање. Знаеме дека во овие натпревари не секогаш победува фаворитот, туку оној кој ќе покаже повеќе желба на теренот и ќе има поголем мотив за победа. Имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. Се надевам на полни трибини, фер атмосфера, и да го вратиме стариот сјај на вечното дерби на македонската кошарка“ – посакува екс-репрезентативецот во редовите на „црвено-белите“.
РЕЗУЛТАТИ ВО РЕГУЛАРНИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (2-0)
-------------------------------------------------------------------
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – РАБОТНИЧКИ 91:87
РАБОТНИЧКИ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 47:66
* Многу порамноправно беше во другата полуфинална серија во која се среќаваат екипите на Пелистер и на ТФТ Mozzart.
Нашите претставници во АБА 2 лигата досега одиграа четири натпревари. Два првенствени, еден во Купот на Македонија, и уште еден во регионалното натпреварување.
Ривалите кои својата серија во полуфиналето ќе ја стартуваат во недела од 18.30 часот, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, го одбранија домашниот терен во шампионатот. Екипата од Тафталиџе ја доби средбата во СРЦ „Кале“ со (95:90), следуваше убедлив реванш на битолчани пред својата публика (92:69).
„Зелено-белите“ беа поуспешни во оној натпревар на неутрален терен во спортскиот комплекс на Златибор, дел од првото коло од АБА 2 лигата. Победија со сигурни (75:65), и направија добра увертира во она што следуваше, пласманот во плеј-офот за место кое води во АБА 1 лигата.
А ако некој доволно добро, од оној играчки агол, ја познава играта на екипата на ТФТ, од играчите на Пелистер, тоа дефинитивно е Андреј Маслинко.
Македонскиот репрезентативец вели дека сеуште не ја залечил во целост повредата која ја „влечеше“ доста долго време, но и дека е подготвен за серијата која ќе стартува во недела навечер во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
„Сум во вистински тренажен процес, иако повредата не е целосно залечена. Може да се тренира, да се игра, така што ќе дадам се од себе за она што следува на крајот на сезоната и она што сите го чекаме. Добро знаеме што знашат овие натпревари, значат финале. Ако победиме на овие битни натпревари, одиме во финале. ТФТ е квалитетен тим, играат квалитетна, брза кошарка. Играат, односно форсираат доста пут за три поени. Затоа треба да обрнеме внимание, да го спречиме нивниот шут од далечина и таа некоја транзиција ако сакаме да биде успешни и да победиме. Во вакви натпревари одлучува борбата, желбата за победа“.
Високото крило на „зелено-белите“ го издвојува актуелниот бранител на шампионскиот пехар како фаворит за титулата...
„Како фаворит во овие финални натпревари од сезоната би ја издвоил екипата на МЗТ Скопје. Имаат АБА 1 тим, најголем ростер. Најголем број на играчи кои можат да ги ‘вртат’. Мислам дека се фаворити, а ние другите ќе се обидеме да ги изненадиме. Би сакал арената во Битола да биде исполнета до последното место, онака како што беше на ракометното дерби кога играа Пелистер Еурофарм и Вардар. Затоа ги повикувам сите битолчани да дојдат и да нè поддржат“- посакува Маслинко.
Од друга страна ТФТ Mozzart веќе реализираше дел од планираните цлеи во оваа сезона. А оваа полуфинална серија со Пелистер, во која за место во финалето се потребни две победи, може да ги донесе и на највисокото скалило на успех кога се зборува за државниот шампионат.
„Би повторил дека иако наши цели во однос на пласман и резултати за сезонава се веќе остварени, максимално сериозно се подготвуваме за полуфиналната серија со екипата на Пелистер. Противник со кој добро се познаваме и со кој сезонава веќе имаме одиграно три натпревари, и противник кој ке ја има предноста на домашниот терен во оваа серија.
Играчки добро се подготвуваме. Противникот е добро скаутиран, и не е тајна дека доколку сакаме да се надеваме на успех ќе мораме да ја спречиме нивната транзиција во нападот, како и да се избориме со нивната агресивност на периметарот. Она на што посебно обрнуваме внимание од аспект на подготовка е психолошкиот момент и што е потребно да се победи во една ваква серија на гостински терен, и тоа во Битола.
Ми се чини дека ‘тромечот’ со Еуро Никел 2005 ни даде некоја поинаква слика за нашите можности каде најпрво екипата покажа карактер и резистентност во борбата да се обезбеди пласман во полуфиналето и покрај воведниот пораз на домашен терен. А кошаркарски можеби ги одигравме и трите најдобри дефанзивни партии годинава, лимитирајќи го противникот на границата од 70 постигнати поени.
По овој рецепт и со надеж дека би имале подобра офанзивна игра и шутерски ден, се надевам дека можеби можеме да избориме историско финале за нашиот клуб и ‘Тафта’, нашата населба“ – вели тренерот на „црно-белите“ од тафталиџе, Боро Смилкосвси пред почетокот на серијата со „пелистерци“.
РЕЗУЛТАТИ ВО РЕГУЛАРНИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
Пелистер – ТФТ Mozzart (1-1)
--------------------------------------------------------------------
ТФТ МОZZART – ПЕЛИСТЕР 95:90
ПЕЛИСТЕР – ТФТ МОZZART 92.69
ПРВА ЛИГА-МАЖИ – ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
ДВОЈКИ – ПРВ НАТПРЕВАР
13. МАЈ (САБОТА)
20.15: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (МРТ3)
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/4o4EbKq-NhE?feature=share
14. МАЈ (НЕДЕЛА):
18.30: Пелистер – ТФТ Mozzart
Сала „Боро Чурлевски “- Битола
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/uzJLIa-TTlY?feature=share
ПЛЕЈ-АУТ ЛИГА-МАЖИ
ДВОЈКИ 3. КОЛО
13.МАЈ (САБОТА)
19.00: Чаир 2030 – Навико Академија ФМП
Сала „Шабан Трстена“ - Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/v8seEytWzgw?feature=share
14.МАЈ (НЕДЕЛА)
19.00: Куманово 2009 – Струмица 2022
Сала „Перо Наков“ – Куманово
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/PKUhWS58zL4?feature=share