Исто како и во ланскиот, така и во овој, екипата на Пелистер ќе игра во големото финале на македонската кошарка. И уште еднаш, втор пат во серија, ќе го предизвика актуелиот освојувач на шампионската титула, МЗТ Скопје Аеродром, во обид да го донесат победничкиот пехар во Битола.
ТФТ MOZZART – ПЕЛИСТЕР 82:84 (0-2)
Особено ефикасно се играше од самиот почеток на натпреварот. Особено добро во нападот играа гостите од Битола. Во првите десет минути постигнаа дури 34 поени, или седум повеќе од противникот. Доволна „основа“ за она што следуваше во продолжението од играта.
Иако поентерски „закочија“ во втората четвртина,сепак, битолчани го чуваа тоа водство. Макар што позитивата не беше поголема од седум поени, како во 16.минута (34:27) по поените на Карутерс. Водеше Пелистер и на полувремето (50:45)...
Карутерс и Маслинко кои реализираа по 13 поени, беа и најзаслужни што „зелено-белите“ стигнаа до „педесетката“. Дадоа три од петте тимски тројки на гостинската екипа.
Пет реализации зад линијата од 6.75 метри имаше ТФТ, екипа во која ист број на поени 13, даде и Мекбраер, додека Ташовски и Хаутон имаа по осум.
Двете тројки на Андерсон брзо по одморот донесоа егал резултат во „Кале“, (52:52). Но гостите уште еднаш „побегна“ на пет поени позитива (61:56) во средината на третата четвртина. Повторно по заслуга на Маслинко и Карутерс. Тројката на Костоски уште еднаш значеше нерешен резултат (65:65), но битолчани беа упорни, и не дозволуваа предноста да премине на страната на ТФТ.
За тоа се погрижи Хаџифејзовиќ, кој го остави Пелистер во водство (68:65) по 30.минути игра.
Но само до нешто повеќе од две минути последните десет... По забивањето на Хаутон, беше (72:70) за „црно-белите“, јасен знак за тренерот на гостите, Марјан Илиевски да побара тајм-аут.
Резултатска „клацкалка“ имавме во наредните минути. На две и пол минути до крајпот, ТФТ сеуште водеше, макар и минимално, откака Костоски реализираше две слободни фрлања за (78:77). Но човек на одлука на Пелистер сепак испадна Кени Карпентер. Не само поради одличната игра во минутите на одлука, туку поради четирите поени во серија со кои му донесе на својот тим водство (82:78) кое се покажа и како победничко.
Иако до крајот имаше 98 секунди, грешеа најискусните во домашниот состав. Симоновски беше половичен од линијата за слободни фрлања, Костоски прерано, од голема далечина, се обиде да постави егал, момент кој веднаш го казни Хаџифејзовиќ, кој постави недостижни (84:79) на девет секунди пред истекот на овој втор полуфинален натпревар.
Пелистер е во финале!
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
ПЛЕЈ-ОФ - ПОЛУФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ - ВТОРИ НАТПРЕВАРИ
ТФТ MOZZART – Пелистер 82:84 (0-2)
Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 62:73 (0-2)