15.03.2023

Големо изненадување во Чаир, и важна победа за дебитантот во битката за опстанок (88:77)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Чаирчани не се предаваат, го поминаа Пелистер

На гостувањето во салата „Шабан Трстена“, екипата од Битола не личеше како скоро промовиран четвртфиналист во АБА 2 лигата.

ЧАИР 2030 – ПЕЛИСТЕР     88:77

Секако, во голема мерка по заслуга на домашните кошаркари кои веројатно го дадоа оној најдобар тимски обид да стигнат до посакуваната цел – изненадување против еден од најквалитетните тимови во лигата, и екипа која го држи второто место на табелата.

Посебно мотивиран во овој натпревар „влезе“ доскорешниот „пелистерец“ Недим Мустафица.

Го одигра новиот играч на Чаир 2030 веројатно и својот најдобар меч во сезоната, за да му помогне на својот нов тим на патот кој води кон опстанокот.

Ако работите се одвиваа „реално“, во првата четвртина, во оние наредните две, до израз дојде колективниит пристап кој го презентираа избраниците на тренерот Ерхан Рамадан.

Ако Мустафица имаше свои, посебни мотиви, тогаш сериозна „конкуренција“ во таа насока му направија и Јусуф Мохамед, а посебно, и тоа како пријатно изненадување беше настапот на Александровски.

Младиот крилен играч доби сериозен број на минути, и му врати на довербата на својот тренер со одлична игра, но и бројки. На 18. поени, до кои стигна со висока реализација (8/11 од поле), Александровски додаде и десет додавања, и му недостасуваа само уште три скока за троен ефект.

За да биде „цело се“, се погрижи уште еден млад играч  Рушити, кој дојде до двоцифрен број на поени – 11.

До полувремето, чаирчани дојдоа до резултатски пресврт. Поведоа со (42:39), а многу посериозен удар, од кој противникот не се подигна, испратија по одморот...

Уште една одлично одграна четвртина во која парцијално гледано, Чаир 2030 направи (28:17), за недостижни (70:56).

Кај Пелистер недостасуваше искусниот Караџовски, што е мало оправдување за прикажаното на ова гостување, прво по враќањето од „балонот“ во Широки Бријег.    

Блиску до стандардниот ефект кај „зелено-белите“ беа само Карутерс, кој реализираше 26. поени, Стајиќ, кој освен 16. поени имаше и седум асистенции и четири скока, и донекаде Карпентер, стрелец на 13, и Хаџифејзовиќ кој дотурка до 10 реализации.

По 17 кола, сега Пелистер е два чекори зад МЗТ Скопје Аеродром (13-4), додека пак Чаир 2030 има скор од пет победи и 12 порази, со кој е деветти на табелата.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 17. КОЛО

Чаир 2030 – Пелистер     88:77

Куманово 2009 – МЗТ Скопје Аеродром    68:88

Кожув – ТФТ Мozzart      82:72

Еуро Никел 2005 – Феникс 2010         78:69

Навико Академија ФМП – Работнички        77:90

Струмица 2022 – Гостивар        72:79

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 32, Пелистер 30, Еуро Никел 2005 28, Гостивар 28, ТФТ Mozzart 28, Феникс 2010 27, Работнички 26, Кожув 24, Чаир 2030 21, Куманово 2009 21, Навико Академија ФМП 20, Струмица 2022 19;

ИДНО КОЛО (18-21.МАРТ)

Работнички – Струмица 2022 (18.03)

ТФТ Мozzart – Навико Академија ФМП (18.03)

Феникс 2010 – Кожув (18.03)

Пелистер – Еуро Никел 2005 (19.03)

Гостивар – Куманово 2009 (19.03)

Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром (21.03)