Во последниот натпревар од 12. коло, во доста неизвесен финиши, екипата на Чаир 2030 дојде до мошне значајна победа на гостувањето во СЦ „Јане Сандански“ против Феникс 2010,
ФЕНИКС 2010 – ЧАИР 2030 70:74
По изедначената прва четвртина во која двете екипи си поделија по 16.поени, во втората, гостите од Чаир стигнаа до предност. Но не така висока. До 14.минута резултатот беше нерешен (26:26). И практично во последните три минути од првиот дел, чаирчани успеаја да се одвојат на највисоките (38:30).
Сепак, Стојковиќ и Џонс, не дозволија таа негатива да премине и во двоцифрена.
На полувремето, Чаир 2030 водеше со (38:34) против силно ослабениот домашен состав во кој ги немаше најискусниот во нивните редови, Бојан Трајковски и младиот репрезентативец, Андреј Митревски.
Какруки и Мофит со по 11.поени го предводеа гостинскиот тим во тој прв дел од играта, додека пак на другата страна, „двоцифрен“ беше и Џонс, стрелец на 13. поени.
На средината на третата четвртина Феникс 2010 уште еднаш го стигна водството на противникот, израмни на (45:45), а нешто потоа и на (48:48).
Но следните девет поени беа запишани на страната на гостинската екипа, која одново се одвои на пристојна предност (57:48), со сериозно „учество“ во оној поентерски дел на Корбет, кој беше скоро незабележлив во првото полувреме. Феникс 2010 уште еднаш се „врати назад“ во натпреварот. Дојде домаќинот на еден посед заостанување, (54:57), пред расположениот Какруки да реализира две слободни фрлања, и постави (59:54) на влезот на последните десет минути.
Апсолутно ништо не се промени ниту во тие минути кои се претворија во одлучувачки. Домашната екипа постојано ја бркаше таа негатива од пет поени. И уште еднаш ја достигна.Во 35.минута беше (63:63), во следната стоеја и (66:66) на семафорот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“.
И повторно, екипата од Чаир беше во „добитна комбинација“, откако врзаа пет поени, за да се одвојат на (71:66) во пресрет на последните две минути.
По поентирањето на Димчевски, од линијата за слободни фрлања, гостите беа во предност од два поени (72:70) кога останаа да се доиграат 43. секунди.
А во тоа време, Мофит им даде шанса на домаќините да дојдат до нов егал, дури и да поведат. Но таа шанса, онака неискусно, не ја искористи Петков. Корбет беше половичен од линијата за слободни фрлања (73:7), а одбиената топка ја прифати Какруки, кој не погоди од непосредна близина на кошот. Но лошото „заградување“ на домашната одбрана повторно го искористи, и казни, Корбет, кој ги постави конечните (74:70) за Чаир 2030.
Екипа во која, токму Корбет направи уште еден одличен двоен ефект. Затоа што на 27.поени, придодаде и повеќе од одлични 18 скока (пет офанзивни), Мофит дополни со 15, а Какруки со 13.поени (поголем дел од нив во првото полувреме).
Џонс реализираше 19.поени, Рис 17, а Димчевски запре на 11 во составот на Феникс 2010 кој го запиша шестиот пораз во 12.одиграни мечеви во овој дел од сезоната. Чаир 2030 има доста подобар резултат, (8-4) со кој е на делба на 4.позиција, заедно со екипата на Работнички.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 12.КОЛО
Феникс 2010 – Чаир 2030 70:74
Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП 94:77
Охрид – Вардар 89:81
ТФТ Моцарт – Работнички 57:72
Пелистер – Гостивар 89:88
МЗТ Скопје Аеродром – Кожув 79:65
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 23, Пелистер 21, Еуро Никел 2005 21, Работнички 20, Чаир 2030 20, ТФТ Моцарт 19, Феникс 2010 18, Гостивар 16, Кожув 15, Вардар 15, Навико Академија ФМП 14, Охрид 14;
ИДНО КОЛО (23.12)
Чаир 2030 – ТФТ Моцарт
Работнички – Пелистер
Кожув – Еуро Никел 2005
Вардар – Феникс 2010
Гостивар – МЗТ Скопје Аеродром
Навико Академија ФМП - Охрид