20.05.2025

МКК Куманово имаше подобра завршница во дуелот со Работнички, и стигна до гостинска победа (79:74) во серијата за третото место

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ДОИГРУВАЊЕ: Кумановски „брејк“ во „Кале“

Екипите на Работнипки и на МКК Куманово го одиграа првиот меч од серијата која треба да „каже“ кој од нив ќе го заземе третото место во генералниот поредок за оваа натпреварувачка сезона.

Дуелот во СРЦ „Кале“ каде Работнички е повторно во улога на домаќин, помина во максимално изедначена игра, со голем број на промени на водството на двете страни, и неизвесност до самиот крај.

А на крајот се радуваа кошаркарите на МКК Куманово, доволно за почетно водство (1-0).

РАБОТНИЧКИ - МКК КУМАНОВО     74:79 (0-1)

Комплетната прва петорка на Работнички стигна до поени во првиот дел од играта, доста израмнет во декој поглед, а „доказ“ плус за тоа беше и резултатот (42:41).

Слично беше и на другата страна, но еден од најискусните, Јанески, кој не го почна натпреварот во СРЦ „Кале“, реализираше 13.поени за кумановскиот состав во тој дел од играта.

Кумановци доминираа под двата коша, имаа доста поголем број на скокови, но тоа не го претворија во успех, односно позитивен скор, барем во тие 20.минути.

Нерешено беше и во првите пет минути од третиот период. Односно до моментот кога Работнички, со серија (7-1),се одвои на плус од шест поени (57:71), во 27.минута од мечот. А Ѓуроски, Робев и Роше веќе беа „двоцифрени“,  имаа по 11. реализации.

Сличен беше и распоредот на поените во кумановскиот тим, каде освен Јанески, бројката од десет и повеќе поени ја надминаа Тадиќ, Радукиќ и Луковиќ. Токму по четирите поени во серија, на највисокиот играч на теренот, МКК Куманово дојде на „пола поен“ негатива (62:63) на истекот на третата четвртина.

Во последната, гостите ја продолжија серијата на поентирање, и преминаа во водство (64:63). Само два поени имаа домаќините за скоро шест минути игра во последниот дел. По тројката на Главчев, МКК Куманово поведе и со (69:65), кога се играше 36.минута.

Минимално беше водството на гостите (74:75), кога Шошкиќ реализира две слободни фрлања. Но клучната тројка дојде од гостинската страна, поточно од Петровиќ, кој погоди за (78:74), и остави само 51.секунда за противникот да проба да ги стигне тие плус 4. Но Дубински и Роше не погодија, Луковиќ „додаде“ уште еден (офанзивен) скок и поен за недостижни (79:74), и„брејк“ на кумановските „сино-белите“ во Скопје.

На крајот од овој прв меч од серијата, во МКК Куманово, Тадиќ имаше 18.поени, Јанески броеше до 16, Радукиќ даде 14 (имаше и осум скока), додека Луковиќ финишираше со дабл-дабл скор од 15.поени и 14.скока.

Роше со 15.поени, беше најефикасниот играч на Работнички. Шошкиќ имаше еден поен помалку, додека до двоен број на поени имаа и Ѓуроски, Робев и Ефремовски, интересно, сите по 11.

МКК Куманово ќе биде домаќин на вториот меч од серијата која се игра според системот „подобар во три натпревари“.