07.12.2023

Со дуелот МЗТ Скопје-Навико Академија ФМП, вечерва од 19.часот, се отвора 11. првенствено коло, многу важно за пласманот на табелата

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Една „куп-дилема“, кој ќе биде осмиот учесник на „фајнал-ејт“ турнирот?

Со дуелот МЗТ Скопје Аеродорм-Навико Академија ФМП закажан за вечерва од 19.часот, во СЦ „Јане Сандански“ се отвора 11.коло, последното од првиот круг од натпреварите во Првата лига.

Бранителот на титулата е апсолутен фаворит пред стартот на овие 40.минути. Но и младиот состав од Кисела Вода засилен со неколку странски кошаркари во изминатите неколку натпревари покажа дека е способен да се натпреварува, но и да победува.
Сепак, квалитетите се на страната на популарните „металци“, но тоа ќе треба да го потврдат со уште една добра игра налик на некои претходни кои и ги поставија на позицијата број 1, која и ќе ја имаат и при формирањето на натпреварувачките двојки за оној завршен дел од натпреварите во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.

Оттука ова коло носи и неизвесности, особено во поглед на тоа кои други седум екипи ќе се изборат за место кое води на „Фајнал-ејт“ турнирот, следниот февруари.

Единствената дилема всушност е дали тоа како осмопласирана ќе биде екипата на Гостивар, или пак на таа последна позиција која носи настап во Купот, ќе бидат следбениците на табелата.

Во предност е екипата на Гостивар, која по десет одиграни кола е на осмото место, гостиварци имаат скор (4-6), кој може да го поправат во претстојниот натпревар на домашен терен, против екипата на Работнички, кој е закажан за сабота навечер од 18.часот.

Со два бода од овој меч, извесно, гостиварци ќе останат на оваа позиција, и за противник во четвртфиналето ќе го имаат актуелниот бранител и на овој трофеј – МЗТ Скопје Аеродром

Шанса да дојдат до позицијата број 8 имаат и екипите на Кожув односно на Вардар, двете се на учинок од три победи и седум порази.  

Но и гевгеличани, и „вардарци“, освен што ќе чекаат пораз на Гостивар, ќе имаат доста тешка задача да дојдат до успех. Особено ако се земе в предвид дека овој викенд имаат нималку лесни гостувања.

Кожув патува во Битола, каде во сабота (19.часот), за противник го има се подобриот состав на Пелистер. Вардар пак е гостин на Еуро Никел 2005 во Кавадарци. Таа средба е предвидено да се игра на 10.ноември (недела) од 18.часот.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 11. КОЛО

7.ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК)

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Навико Академија ФМП

Сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/e7njk1PiwVM?si=ECaK-3ej3-A5ARe1

9.ДЕКЕМВРИ (САБОТА)

18.00: Гостивар – Работнички (МРТ 3)

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/MBR7lw0_4RA?si=IMxkbCsKUSXRucMa

18.00: Охрид – Чаир 2030

Сала „Билјанини извори“ – Охрид

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/LVStmni8AEU?si=IlBbIO5L1OupoP-V

19.00: Пелистер – Кожув

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/BizH3I2Vx3g?si=AVa-Vq9FEh9fd3uI

10.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Еуро Никел 2005 – Вардар

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/o9x8YBYc7N0?si=Yywbc-cCXaF3Mvat

20.00: Феникс 2010 – ТФТ Моцарт

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/VNT15tD662U?si=HXe776esQP6DPCMO

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 19, Пелистер 17, Еуро Никел 2005 17, Работнички 16, ТФТ Моцарт 16, Чаир 2030 16, Феникс 2010 16, Гостивар 14, Кожув 13, Вардар 13, Навико Академија ФМП 12, Охрид 11;