Дури во самиот финиш на дуелот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, кавадарчани го скршија отпорот на младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка.
МЗТ Скопје Уни Банка – Еуро Никел 2005 75:79
По нецели пет минути, домашната екипа направи двоцифрена предност (14:4), што го натера Горан Самарџиев, тренерот на Еуро Никел 2005 брзо да го потроши првиот тајм-аут. Во оној втор дел од првата четвртина, кавадарчани резултатски се вратија во натпреварот. Намалија на (16:19), а првиот период МЗТ Скопје Уни Банка го реши во своја корист со (23:19).
Период од играта во кој Тодоровски и Андоноски искомбинираа 15.поени за домаќинот, а Мијатовиќ и Петровски 16. поени кај гостите.
По две минути игра во втората четвртина, со мини серија од пет поени, Еуро Никел 2005 стигна до минимално водство (24:23). За кратко, затоа што „бело-сините“ од Аеродром одново направија предност од шест поени (34:28), како што стоеше на семафорот по 14.минути од играта во кој Американецот Тремејн Исабел на својот деби настап, веќе нанижа десет поени.
За две минути, Караколев (со четири поени) и Мијатовиќ донесоа ново израмнување во СЦ „Јане Сандански“, (34:34). А Соколов ја продолжи серијата на кавадарчани на (9-0), за ново нивно водство (37:34). Го зголемија по техничката грешка на Даскаловски, на (41:37), за првото полувреме да финишира со уште повисоки (46:39) за Еуро Никел 2005.
Тој резултат не го обезхрабри домашниот тим, напротив. По големиот одмор, екипата на Борче Даскаловски влезе со уште поголема самодоверба. Тоа се рефлектираше и во резултатот. За десет минути, домашните кошаркари успеаја негативата од седум поени да ја претворат во водство од пет поени, (65:60).
Но по којзнае кој пат по ред, на оваа средба, тимот од Кавадарци се врати „назад“, во резултатски егал (67:67). И нешто налик на првото полувреме во самиот финиш, уште еднаш кошаркарите на Еуро Никел 2005 направија резултатски пресврт. Во последните три минути влегоа со позитива од пет поени (74:69). И избраниот тим на Самарџиев успеа да ја сочува, и да стигне до првиот триумф во новиот шампионат.
Имаа среќа, затоа што на 11. секунди пред крајот, Савичевиќ не го погоди шутот за потенцијално израмнување, па резултатот остана истиот (75:78). Некоја секунда подоцна, Соколов, од линијата за слободни фрлања, само ја потврди победата на кавадарчани.