09.10.2022

На премиерата во СРЦ „Кале“, совладан е Работнички (75:64)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Феникс 2010 не престанува да изненадува

Во последниот натпревар од првото прволигашко коло од новата сезона, уште едно изненадување. Младиот состав на Феникс 2010 и без помошта на највозраснито, Бојан Трајковски, стигна до првата победа. Уште на стартот на новиот шампионат, земаа еден голем скалп, наречен „Работнички“...

РАБОТНИЧКИ – ФЕНИКС 2010 64:75

Првото полувреме протекна во доста рамоправна игра во која сепак, условно кажано „гостите“, ја имаа предноста на својата страна. На крајот беше и минимална (38:37), иако во текот на играта „жолтите“ имаа и предност изразена со седум поени разлика, како што беше на истекот на првата четвртина, (22:15).

Поентерски, доминираа по двајца играчи на двете страни. На домашната во преден план беа Крафорд и Бакоч, кои искомбинираа 26, од крајните 37 поени.

На другата, кај Феникс 2010  пак, во главната поентерска улога се најдоа Бекингем со 13, и Хот кој реализираше десет поени.

Феникс 2010 подобро го отвори и второто полувреме.

Со серија од (11-2), избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ во средишниот дел од третата четвртина, имаа позитива од десет поени (49:39). Но веднаш возвратија Нотаж и Крафорд, кои и ја „стопија“ разликата, поточно, донесоа егал скор (49:49) по 26.минути игра на дуелот во СРЦ „Кале“.  

Гостинската екипа уште еднаш се одвои, сега на (57:51), пред Крафорд да погоди за три и постави (54:57), на влезот на последниот период од играта.

Минути во кои Феникс 2010 и без помошта на својот лидер, повредениот Бојан Трајковски, покажа дека ќе има што да каже и во оваа сезона.

Го бранеа резултатот, иако долго време беа „закочени“ на бројката 62. Доволно Работнички уште еднаш да се доближи на само „еден посед“ (60:62). Но тие нецели пет минути „белите“ ги одиграа под нивото. До крајот на мечот дадоа само уште четири поени. Таков подарок „фениксовци“ не одбија, напротив...

Петков , Митревски и Бекингем го однесоа мечот во победничка насока.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО

Работнички – Феникс 2010       64:75

Куманово 2009 – Чаир 2030     79:87

Навико Академија ФМП – Кожув       79:75

Гостивар – Пелистер       75:63

Струмица – Еуро Никел 2005   84:95

ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром   60:74

ИДНО 2.КОЛО (15.10)

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар

Чаир 2030 – ТФТ

Кожув – Струмица 2022

Пелистер – Работнички

Еуро Никел 2005 – Куманово 2009

Феникс 2010 – Навико Академија ФМП