19.11.2023

Серијата од (14-0) во последниот дел од последната четвртина „пресуди“, Феникс 2010 да биде подобар од Еуро Никел 2005 со (87:82)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Фуриозни финални пет минути на Феникс 2010, за 50% успешност

Вечерва, во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, се одигра и четврттиот натпревар од осмото првенствено коло. Феникс 2010 и Еуро Никел 2005 размениј многу промени на водството, имаше и доста егал-ситуации, на крајот двата бода остануваат во Скопје.

ФЕНИКС 2010 – ЕУРО НИКЕЛ 2005     87:82

Домашната екипа имаше постојана резултатска предност, макар не и премногу висока. Највисоката беше во петтата минута, кога Феникс 2010 имаше двојно повисоки (16:8). Таа позитива, макар нешто пониска, ја задржаа и до првиот „мал одмор“ (26:21).

Слично се одвиваа работите и во втората четвртина. Џонс и Метјус даава тон во играта во нападот на Феникс 2010, екипа која многу брзо поведе, односно со плус од осум поени (31:23). Кавадарчани брзо се вратија, со серија од (8-2), намалија на (31:33), нешто подоцна имаа и само еден поен за останување (36:37).

Но домаќините не дозволија да се случи и целосен резултатски пресврт. Уште еднаш се одвоија, сега на (44:38), а минимална предност имаа и на истекот на 20.минути (49:47).

До првото водство, кавадарчани дојдоа во 26.минута, имаа минимални (57:56). Третиот период беше и оној на најдобра игра на кошаркарите на Еуро Никел 2005, во кој тоа што го најавуваа во првото полувреме и го реализираа.

Поведоа со сосема солидни (66:58), во преден план, уште еднаш, по кој знае кој пат, беше Дарко Соколов, кој веќе комплетираше 19.поени (имаше и шест скока и две додавања), а добро му асистираа Врањеш со 11. поени, но и Блекшир кој исто така беше двоцифрен (десет реализации).

За разлика од Феникс 2010, гостите, кои игра и без еден до своите поентерски лидери во овој дел од сезоната, Смит Мексвејн, имаа далеку подобар ефект од „резервната единица“. Поентираа и Глигоријевиќ, Младеновиќ, Караколев и Златев. 

Кавадарчани успеваа да ја одржуваат таа позитива од седум-осум поени и во последниот дел од играта. Имаа и девет поени, (77:68) во 34.минута. Но две минути подоцна, Феникс 2010 стигна до израмнување, благодарение на серија од (9-0), за (77:77), и тајм-аут на Атанас Манев, на 4:03 минути пред крајот. 

Без ефект, затоа што домашниот тим ја продолжи серијата на поентирање без примен кош на другата страна. По тројката на Трајковски беше и уште повисоки (82:77) со кои се влезе во последните две минути од играта.

Врањеш и Дубински го вратија мечот во егал (82:82). Но Трајковски продолжи да го погодува кошот на противникот, и донесе (85:82), на 37.секунди до крајот на мечот. По неуспешниот обид на Врањеш да донесе ново израмнување, уште еднаш Трајковски беше „мирен“ од линијата за слободни фрлања, со кои ја потврди и победата. За Феникс 2010 четврта во осум одиграни кола, Еуро Никле 2005 има (5-3).

Кај Феникс 2010 недостасуваа поените од нивниот прв стрелец, Џозеф Рис (даде за него скромни осум поени). Но затоа пак Џонс имаше 21.поен, Метјус и Трајковски по 17, а Дениел финишираше со 10.поени.

Во екипата на Еуро Никел 2005, Соколов застана на 19.поени, Врањеш имаше 15, Дубински 14, Блекшир 10, а во последниот дел „двоцифрен“ стана и Глигоријевиќ, кој заврши со 12. поени.

Колото број 8 се затвора во среда навечер, со„двојна програма“... Од 19.часот, кошаркарите на Чаир 2030 ќе пробаат да се вратат во победнички ритам во дуелот со битолски Пелистер, а половина час подоцна,  (19.30), во СРЦ „Кале“, ТФТ Моцарт ќе го предизвика МЗТ Скопје Аеродром.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 8. КОЛО

Феникс 2010 – Еуро Никел 2005         87:82

Навико Академија ФМП – Кожув       93:83

Работнички – Охрид       86:56

Вардар – Гостивар           75:90

22.НОЕМВРИ (СРЕДА)

19.00: Чаир 2030 – Пелистер (МРТ3)

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/VLKPVnalshk?si=0w4GX0GN_xjP4WGv

19.30: ТФТ Моцарт – МЗТ Скопје Аеродром

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/cn79yjerJYc?si=zVJR0p0miRQtFc5Y

ТАБЕЛА: Еуро Никел 2005 13, Работнички 13, МЗТ Скопје 13 (-1), Пелистер 12 (-1) Чаир 2030 12 (-1), ТФТ Моцарт 12 (-1), Феникс 2010 12, Гостивар 12, Вардар 11, Кожув 10, Навико Академија ФМП 9, Охрид 9;