ФОТО: Марин Петков ги погоди двете клучни слободни фрлања за победа на Феникс 2010 против ТФТ
Гостивар го дочека Чаир 2030, а ТФТ беше домаќин на Феникс 2010 во останатите мечеви од саботната програма од 8. коло од Првата лига.
ГОСТИВАР – ЧАИР 2030 86:68
Чаирчани имаа одлична прва четвртина, која и ја добија, макар и со минимални (24.22), по добриот почеток на нивниот лдиер во екипата Мохамед Јусуф, кој се врати во тимот на Чаир 2030.
Но во втората, ко-лидерот на табелата почна да игра како што тоа го правеше се до гостувањето во Куманово. Многу брзо гостиварските „сино-бели“ се стекнаа со сосема солидно водство. Во 16.минута, поведоа со (37:28), за тој втор период да го решат во своја корист. И на одмор да заминат со позитива, макар и нешто пониска, (42:37).
Пипкинс погоди три (од тимските четири) тројки, и дојде до 13.поени во тој прв дел од играта, Корсантија веќе беше блиску до двоен ефект (9.поени и 8.скока).
Ист број на поени на другиот дел од теренот имаше Јусуф Мухамед, но Рушити ги изненади гостиварци со десет реализации.
Скоро непроменета беше ситуацијата на теренот откако екипите се вратија од соблекувалните. Гостиварци притискаа, но не направија двоцифрена позитива.
На истекот на третиот дел, водеа со (59:50), а отпорот на жилавиот противник го скршија на почетокот на последната. За пет минути дојдоа до највисоките (71:54), недостижни за екипата од Скопје, која евидентно, нема долг играчки ростер потребен за ова ниво на натпреварување.
Во седмата победа од осум одиграни мечеви, четири играчи од стартните пет на Гостивар финишираа со двоцифрен број на поени. Пипкинс и Ефремовски по 16. Корсантија 14 (и 16 скока), а Маслинко уште 13.поени. Но во прв стрелец се „трансформираше “ Митевски, кој дојде до 19.
На спротивната страна од игралиштето, Јусуф и Рушити стигнаа до 15.реализациим Френклин имаше 14, а Бунч уште десет.
ТФТ – ФЕНИКС 2010 74:79
Одлична прва четвртина имаа „гостите“. Го изненадија поискусниот тим на ТФТ, во секој поглед, најмногу во оној резултатскиот. Поведе Феникс 2010 со двоцифрени (25:14), по десет миути од мечот во СРЦ „Кале“.
Изненадувачки, тренерот Денис Дервишевиќ почна со Петков и со Исајловски во стартните пет, на клупата го остави својот најискусен играч – Трајковски, но и новите странски имиња во екипата.
На средина на втората четвртина, Феникс 2010 имаше уште поголеми (40:25), но и двајца двоцифрени играчи (Трајковски со 11, и Митревски со 10.поени). Кога веќе влегоа во посакуваниот ритам, гостите продолжија со исто поентерско темпо. И до полувремето „побегнаа“ на уште повисока позитива (47:28).
До неа дојдоа со одличен скок, имаа дури 13 повеќе во однос на противникот, и сосема добра реализација од поле (40% за три, и 55% во шутот за два поени).
Многу подобро ТФТ го стартуваше продолжението. Со серија (10-3), домаќините се доближија на (38:50), а потоа и (41:52). По тројката на Андерсон, „црно-белите“ во 25.минута се спуштија и на едноцифрен минус - (47:56).
Но Феникс 2010 се одбрани од тој сериозен напад на ТФТ, и до крајот на третата четвртина се врати на сигурен плус од 15. поени - (67:52).
Исто како и на почетокот на третиот дел, ТФТ со серија од шест поени, се врати на достижни (58:67).
Скоро пет минути Феникс 2010 беше без кош од игра, пред новакот Кватермен да погоди за три и својот тим го врати на високи (70:58).
Со нива мини-серија (7-1), и по тројката на Мекбраер, ТФТ се доближи и на (65:71). Но положи Фолден, и на две и пол минути пред крајот донесе (73:65) за гостинската екипа.
Период кој се претвори во помалку и драматичен. На 15. секунди пред крајот, Андерсон погоди уште еднаш за три поени, и донесе само „еден посед плус“ за противникот, (74:77). Но еден од најмладите во тимот, Петков, беше „мирен“, и погоди двете слободни фрлања кои означија победа за Феникс 2010. Младиот кошаркар беше еден од неколумина гостински играчи со најмалку десет поени. Трајковски даде 18, Такер 17, Митревски 15.поени. Кај ТФТ, исто така една „четворка“ со двоен број на реализации. Андерсон финишираше со 15, Николов со 13, а Костоски и Ташовски имаа по 12.поени.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 8. КОЛО
Гостивар – Чаир 2030 86:68
ТФТ – Феникс 2010 74:79
Работнички – Куманово 2009 119:83
4. ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА):
18.00: Навико Академија ФМП – Струмица 2022
Сала „Независна Македонија“ - Скопје
ЛИНК: https://youtu.be/LawHgXFVnHs
5. ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):
18.30: Пелистер – Кожув
Сала „Боро Чурлевски“ - Битола
ЛИНК: https://youtu.be/MdR7-H0tF_M
6. ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК):
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005
Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ - Скопје
ЛИНК: https://youtu.be/82Z5tI3K6gA