04.03.2023

Го „почувствува“ тоа и екипата на Навико Академија ФМП (87:79)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Гостивар може да победува и без Американци

Гостиварци беа подобар противник од Навико Академија ФМП во три од четирите четвртини од средбата во салата „Младост“.

ГОСТИВАР – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП      87:79

Иако направија неколку измени во ростерот во кој веќе нема американски кошаркари, гостиварци се стекнаа со предност уште во првиот период од играта. Поведоа со (26:19), и предноста не ја испуштија до самиот крај.

Гостите од Скопје настојуваа да се вратат резултатски но не им одеше од рака во обидите да го направат тоа. До полувремето Гостивар само ја покачи предноста, имаше вишок од девет поени (47:38).

Конечното решение околу победникот падна во третата четвртина, онаа во која домашната екипа „побегна“ на двоцифрен плус, кој по 30 минути беше недостижен за „лавовите“ од Кисела Вода (74:59).

Одлично одработија неколку  од стартерите во екипата на Љупчо Малинков. Го предводеше Ефремовски, стрелец на 25 поени. Дабл-дабл запишаа Вучковиќ, изразен со 22 поени и 11 скока, но и Корсантија. На 17 поени Грузиецот придодаде и исто толку скокови (и пет асистенции), додека пак сосема солидно деби имаше и Жигон, заокружено со 16 поени, шест скока и пет асистенции.
Во гостинската екипа пак  блескаше Смит-Меквејн кој даде 29 поени, Бјелиќ го следеше со 12 поени и девет скока, додека пак сосема добро издание имаше и младиот Златевски, кој освен 11 поени, оствари и седум скока и пет успешни додавања.

Ова е десетта победа за Гостивар во 16 одиграни натпревари, за делба на позицијата 4 заедно со екипата на Феникс 2010.  За Навико Академија ФМП пак продолжува битката за опстанок. Нивниот ефект е три победи и 13 порази.   

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 16. КОЛО

Гостивар – Навико Академија ФМП  87:79

Кожув – Еуро Никел 2005 (во тек)

Феникс 2010 – Чаир 2030 75:67

Пелистер – Куманово 2009      104:70

ТФТ Моzzart – Работнички        92:89

6. МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК): 

17.00: Струмица 2022 - МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Парк“ – Струмица

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/oZYBc870iso?feature=share

ТАБЕЛА: Пелистер 29, МЗТ Скопје Аеродром 28 (-1), ТФТ Mozzart 27, Феникс 2010 26, Гостивар 26, Еуро Никел 2005 24 (-1), Работнички 24, Кожув 22 (-1), Куманово 2009 20, Чаир 2030 19, Навико Академија ФМП 19, Струмица 2022 17 (-1);