Наизглед убедливото водство кое го имаа на полувремето, кошаркарите на Пелистер го „потрошија“ во двете четвртини по одморот. Но со едно погодено слободно фрлање на Магдевски, и тоа во последните секунди го добија мечот против мотивираниот противник од Гостивар.
ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР 89:88
Дека се дојдени во Битола да бараат изненадување, кошакарите на Гостивар испратија порака уште во првиот период од играта. Оној во кој се стекнаа со предност од (20:13). И тај воведен дел го затворија со водство од (29:26).
Дури во втората четвртина, „пелистерци“ успеаја да го наметнат оној нивен препознатлив стил на игра, во кој „учествува“ и одбраната, што резултираше со промена на водство.
До полувремето, „зелено-белите“ изградија позитива од (49:35).
Се чинеше дека Гостивар се заканува(л) само во таа прва четвртина. Но развојот на настаните во второто полувреме донесе вистински „демант“. Не се откажаа гостите од својата првична цел, напротив. Во последните десетина секунди од мечот во салата „Боро Чурлевски“ дури со двете слободни фрлања на Митевски, и го израмнија резултатот на (88:88).
Но потоа следуваше едно максимално невнимание на Стојаноски во одбраната. Направи крајно непотребен прекршок над Магдевски. Репрезентативниот бек го погоди првото слободно фрлање, не и второто, но немаше доволно „простор“ за гостиварци да наместат напад кој би им ја донел и победата.
Комплетната прва постава на екипата од Битола одработи „двоцифрено“. Планиниќ реализираше 22.поени, Маслинко имаше 19, Бернард 16, Мијовиќ 13, а Магдевски уште 11. поени (и осум асистенции).
Слично беше на спротивната страна од тернеот. Затоа што Вилијамс уфрли 22.поени, Остен 19, Инграм 16, а Митевски уште 14. Единствено Џонс, како стартер, собра осум поени, и можеби недостасуваа тие поен-два од негова страна за Гостивар и да го направи изненадувањето во Битола.