Екипата на Гостивар останува единствената непобедена во Првата лига. Лидерот на табелата имаше потешкотии, но на крајот се справи со обидите на младиот состав на Навико Академија ФМП.
На крајот во Кисела Вода, сигурни плус 10, за Гоствар и петта по ред победа за „сино-белите“...
НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – ГОСТИВАР 83:93
Пресуди втората четвртина од играта, оние десет минути во кои гостиварци заиграа максимално ефикасно во нападот. Реализираа дури 31.поен, противникот го оставија на 11. За комплетна промена на “сликата на теренот“, по уводните десет. Оние во кои „лавовите“ дури и ги добија со (21:18).
На полувремето веќе беше (49:32) за водечката екипа во првенството.
Но, пет-шест минути од второто беа во знакот на Навико Академија ФМП. Моменти во кои домашниот тим, резултатски сериозно се доближи до противникот. Дојдоа на негатива од само шест поени (48:56). Но до последната мала пауза на натпреварот, Гостивар сепак се избори за двоцифрен плус (63:53).
Коскоски и Димовски ја испратија последната домашна закана за (57:63). Но тоа беше и последното нешто што домашните кошаркари го направија. Серијата на поени која дојде од Ефремовски, го врати Гостивар во победничките води (74:59).
До новиот успех ги водеше двоецот Корсантија-Ефремовски, кои искомбинираа 51.поен (28 и 23), додека вториот репрезентативец во редовите на лидерската екипа, Андреј Маслинко застана на чекор од дабл-дабл скор, имаше 16.поени и 9.скока.
Кај Навико Академија ФМП, Пајиќ стрелаше добро за 23.поени, Настовски и Димовски го следеа со по 12.реализации.
ЧАИР 2030 – ФЕНИКС 2010 78:97
Голем дел од задачите „гостите“ завршија уште по првото полувреме. Во 20.минути Феникс 2010 ги запре сите напади на мотивираните домаќини.
Особено тоа се однесува на вториот период од играта во СРЦ „Кале“ во кој избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ ги „спуштија“ чаирчани на само десет реализации. На другата страна „жолтите“ реализираа дури 27, за повеќе од сигурни (53:30).
Новакот во прволигашката конкуренција заигра далеку поангажирано по паузата од 15.минути. Во уводните три од третиот дел, симнаа добар дел од големата негатива. Со серијата од (11-3), Чаир 2030 намали на (41:56), по што следуваше една нервозна реакција на нивната клупа.
Прекинот на натпреварот некако подобро го искористи гостинската екипа. Даде 11.поени по ред, за да ја врати позитивата од полувремето (67:41), и да стигне до четвртиот успех во пет кола, и паузата да ја дочека при врвот на табелата.
Фолден имаше своја вечер, ја заокружи со реализација на 35.поени, со високи 70% за три поени (7/10). Бекингем го следеше со 27, Трајковски даде 14, а Митревски уште 12.поени.
Кај Чаир 2030 уште еднаш се одвои американскиот двоец Мохамед-Френклин, кои до крајот на мечот, искомбинираа 41.поен
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – КОЖУВ 79:61
По два порази по ред на гостувањата во Скопје, кадаварчани им се вратија на победите.
Во својот „Јасмин“, беа подобри од Кожув. Одиграа одлично прво полувреме, поточно последните пет минути, во кои ги решија сите дилеми околу победата.
На крајот на првата четвртина домаќинот дојде до сигурни (25:18). На почетокот на втората, гостите од Гевгелија дојдоа на (25:27), но тука некаде како да застанаа.
До крајот на полувремето, Еуро Никел 2005 постигна 19, а прими само три поени, за повеќе од убедливи (46:28). Се покажаа доволни за трета победа на екипата од Кавадарци во пет одиграни натпревари.
Планиниќ даде 21 поен а одново блескаше ветеранот Дарко Соколов кој дојде до 17. поени, 10. скока и 5. асистенции.
Кај Кожув, Мајрон Гордон беше далеку под својот просек, постигна 15 поени, додаде и седум асистенции.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 5. КОЛО
Еуро Никел 2005 – Кожув 79:61
Чаир 2030 – Феникс 2010 78:97
Навико Академија ФМП – Гостивар 83:93
6.НОЕМВРИ (НЕДЕЛА):
18.00: Работнички – ТФТ
Сала на СРЦ „Кале“ - Скопје
19.00: Куманово 2009 – Пелистер
Сала „Перо Наков“ - Куманово
15.НОЕМВРИ (ВТОРНИК):
18.00: Струмица 2022 – МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Парк“ - Струмица