18.10.2022

Сериозни проблеми за првакот во првиот дел од играта, го донесоа до првиот пораз, храбриот Гостивар слави со минимални и заслужени(80:79)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Гостиварци изненадија среде Аеродром

Во последниот натпревар од второто коло, изненадувачка победа на Гостивар во Аеродром, апсолутно заслужена

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ГОСТИВАР  79:80                                             

Гостиварци имаа старт од соништата во СЦ „Јане Сандански“. Имаа почетни (9-0) и по само две и пол минути го натераа тренерот на домашната екипа Александар Петровиќ да побара тајм-аут. Освен што подели совети, искусниот стручњак почна и да ја менува стартната петорка во која беше и најмладиот, Величковски.

Навистина Маслинко зголеми и на (11-0), а некако најсеризоно советите на Петровиќ ги „прифати“ Крстевски. Искусното крило го врати првакот кон играта која од нив се бара. Да биде брза, и згора на тоа ефикасна. И се некако дојде на свое место уште до истекот на четвртината во која скопските „сино-бели“ не само што ја стигнаа, туку и ја престигнаа позитивата на Гостивар.

По десет минути игра, МЗТ Скопје Аеродром водеше со минимални (17:16).

На почетокот на вториот, во серија влезе Маслинко, младиот репрезентативец даде седум поени по ред (вкупно 11, во тој дел од играта), доволно да го врати Гостивар во водство (23:21).  

Таа негова ефикасност иницираше уште поголема самодоверба и кај другите гостински играчи. Особено тоа се однесува за Ефремовски, кој даде уште две тројки по ред, и Корсантија, кој освен својата борбеност покажа и поентерски знаења. Доволно за Гостивар да има сосема солидно (44:37) на влезот на последната минута од првото полувреме.

Токму искусниот Грузиец и македонскиот репрезентативец со нови пет поени, му донесоа двоцифрени, но и највисоки (49:37) по 20.минути од играта.

Гостите беа во двоцифрена позитива и во средината на третата четвртина (58:48), кога „аеродромци“ повторно како да го пронајдоа посакуваниот ритам, доволно да намалат на (57:61). Но нивниот „напад“ го запре Пипкинс, кој со „два плус еден“ игра го остави Гостивар на (64:57) пред да почне четвртината на одлука.  

Половина од неа„потрошија“ домашните кошаркари за да дојдат до предност (71:70), кога поентираше Кефи, како најава за драматичен финиш во СЦ „Јане Сандански“.

Во последната минута, Војдан Стојановски постави идентични (79:78), кои ги „поништи“ Маслинко, и остави 22. секунди за конечно решение (80:79). „Металците“ не го најдоа, затоа што Кефи не го најде патот до кошот на противникот.

За голема победа на Гостивар, и прво големо изненадување, уште во второто коло од сезоната.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар         79:80

Кожув – Струмица 2022 88:86

Eуро Никел 2005 – Куманово 2009    84:58

Феникс 2010 – Навико Академија ФМП      79:62

Пелистер – Работнички  92:76

Чаир 2030 – ТФТ    83:87

ТАБЕЛА: Еуро Никел 2005 4, Феникс 2010 4, Гостивар 4, МЗТ Скопје Аеродром 3, Пелистер 3, Чаир 2030 3, Кожув 3, ТФТ 3, Навико Академија ФМП 3, Струмица 2022 2, Работнички 2, Куманово 2;

ИДНО КОЛО (22.10)

Куманово 2009 – Кожув

Навико Академија ФМП – Пелистер

Гостивар – ТФТ

Струмица 2022 – Феникс 2010

Чаир 2030 – Еуро Никел 2005

Работнички – МЗТ Скопје Аеродром