21.01.2023

Кумановци ги надминаа сите кризни моменти и му се реваншираа на дебитантот за поразот во првото коло (91:86)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Јанески и Зивчевиќ, доволни за пресврт и победа на Куманово среде Чаир

Кошаркарите на Куманово 2009 направија комплетен пресврт на гостувањето во Чаир, во второто полувреме надокнадија двоцифрена негатива, ја претворија во особено важен триумф.

ЧАИР 2030 – КУМАНОВО 2009 86:91

Екипата од Куманово имаше подобар почеток, во кој реализираа високо водство од (13:2). Но само до моментите од играта во кој се „вклучи“ тандемот на  чаирчани Мохамед-Френклин. Звучи неверојатно, но за кратко време, Чаир 2030 го сврте резултатот во своја корист. Имаа домаќините неверојатна серија од (26-5), и во првиот период поведоа со (28:18).

Имаа момците од Чаир идентични (40:30), но финалните минути од втората четвртина беа за гостите од Куманово, доволно да намалат на (42:48).  

Следуваше уште една серија, иако не налик на првата, за Чаир 2030, по која домашната екипа, која игра без поддршка од публиката (поради суспензијата) се одвои на (56:42).

Но тука како да им снема доволно енергија за конечен удар. Му оставија доволно простор на противникот, особено на искусните Марјан Јанески и Ненад Зивчевиќ, кои знаеја да ги казнат сите слабости на противникот, и да го донесат тимот од Куманово на негатива од само два поени (64:66).

Добриот ритам на гостинската екипа во кој свои минути имаше и Нацевски, продолжи и во четвртината на одлука. Гостите поведоа со (82:75), но и тоа не беше гаранција за конечен успех.

Новата мини серија на екипата од Чаир ја врати на само „половина кош“ негатива (81:82), за влегување во драматични моменти.

При сличен скор (86:87), Мохамед не погоди за промена на водството. „Мирни“ од линијата за слободни фрлања беа, прво Џојнер, потоа и Јанески, најдобриот поединец во Куманово 2009.

За победа, и своевиден реванш за загубените бодови на првиот меч во сезоната, одигран во Куманово.

Јанески заврши со дабл-дабл ефект од 29.поени и 13.скока, Зивчевиќ го испрати со 22.реализации, додека пак кај домашниот тим дабл-дабл скор направи и Јусуф Мохамед, кој имаше 26.поени и 10.скока, беше следен од Френклин кој застана на ефект од 17.поени и 8.скока.   

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 12. КОЛО

Чаир 2030 – Куманово 2009     86:91

Кожув – Навико Академија ФМП       108:103

Еуро Никел 2005 – Струмица 2022    89:72

МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ    91:81

Пелистер – Гостивар       117:87

22.ЈАНУАРИ (НЕДЕЛА):

20.00: Феникс 2010 – Работнички (МРТ3)

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/cFOvlNGQJAY

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 23, Пелистер 21, Гостивар 20, ТФТ 19, Еуро Никел 2005 19, Работнички 18 (-1), Феникс 2010 17 (-1), Кожув 16, Куманово 15, Чаир 2030 15, Навико Академија ФМП 15, Струмица 2022 14;