23.12.2023

Еуро Никел 2005 „помина“ во Гевгелија (86:81), рутинерска победа на Феникс 2010 на гостински терен против Вардар (104:89)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кавадарчани го победија Кожув и ќе презимат како второпласирани

Неизвесната завршница на средбата во Гевгелија им припадна на кошаркарите на Еуро Никел 2005 кои извесно, вториот дел од сезоната, по онаа зимска пауза, ќе го дочекаат на второто место. Имаат скор од  десет победи и три порази, кој може да го достигне и Пелистер (ако во среда, го победи Работнички на гостувањето во Скопје).

КОЖУВ – ЕУРО НИКЕЛ 2005     81:86

Со доста играчки, но и резултатски осцилации одиграа двете екипи во последните 40.минути од 2023 година.

Кавадарчани беа подобри во првата четвртина, ја добија со (20:16), а домашниот тим, доста подобар во втората, со која не само што ја анулираше таа не баш висока, туку се стекна со идентична предност (44:40).

Слично се одвиваа настаните и по големиот одмор. Со разлика што Еуро Никел 2005 имаше некоја постојана предност, но не повисока од пет поени (59:54),  како во 28.минута. Екипата од Кавадарци водеше и на истекот на третиот период, но минимално (61:60).

ФОТО: Филип Данински - КК Кожув - Гевгелија 

Истата предност (80:79), гостите ја имаа и на 66 секунди пред крајот. Пред потегот на вечерта, кој го имаше Џексон Дубински. Американскиот бек погоди тројка, практично пред истекот на нападот, за плус 4 (83:79) и само 41 секунда до крајот.

Во нападот на Кожув, прво не погоди Караџовски, а потоа од позиција за три поени, не возврати и Артисон. Смит Мексвејн беше „мирен“ од линијата за слободни фрлања, и донесе недостижни (85:79) кои успеа да ги намали Слејтер, но победата оди за екипата од Кавадарци. Десетта за нив во 13. одиграни кола до оваа календарска 2023 година.

Уште еднаш крајно колективен пристап на кавадарчани, петмина кошаркари со двоен број на поени. Најмногу 19 дојдоа од Глигоријевиќ, три помалку запиша Смит Мексвејн, високи 15, имаше Младеновиќ како стартер, Соколов даде 11, а Дубински уште десет.

ФОТО: Филип Данински - КК Кожув - Гевгелија 

Кај Кожув, малку поинаква поентерска слика. Затоа што Артисон беше далеку напред на листата на стрелците – даде 29. Го следеше Хукиќ, само како втор, но и последен „двоцифрен“ играч во домашната екипа, која на одмор оди со скор (3-10).  

ВАРДАР – ФЕНИКС 2010 89:104

Една ефикасна четвртина (втората) се покажа како доволно за Феникс 2010 да стигне до планираната цел – да ги освои бодовите на гостувањето „под Кале“.

Младиот состав на Вардар одигра егал против фаворитот, така беше и во првата четвртина (заврши со резултат 24:26), така беше и во онаа третата, во која „вардарци“ ја повторија (24:24), а во ништо не се разликуваше ниту последната, која гостите ја добија, но уште еднаш со минимални (23:21).

Се заедно, се чини една рутинерска победа за Феникс 2010 во која Трајковски даде 23. поени, Метјус еден помалку, а двоен ефект оствари Џонс, кој освен 18.поени допиша и 11. асистенции, а му недостасуваа само три скока, за трипл-дабл ефект.

На другата страна, комплетно ефикасна игра на стартните пет. Митков заврши со 18 поени, Наков имаше 16, Атанасов 15, еден помалку од него уфрли Бајрам, а јуниорскиот репрезентативец Луканоски уште десет.

Оваа фаза од првенството Феникс 2010 ја завршува со ефект поголем од половичниот (7-6), додека пак Вардар останува на три победи во 13.кола.

Во недела, од 18.часот, во натпревар и тоа како важен за изгледот на табелата, оној „долен дел“, во салата „Независна Македонија“, Навико Академија ФМП (2-10) го пречекува Охрид (2-10).

„Надвор“ од планираните термини ќе се одигра и натпреварот во Гостивар каде гостува актуелниот бранител на шампионската титула, и лидер на табелата, МЗТ Скопје Аеродром (11-1). Овој дуел е предвидено да се игра на 26. декември (вторник) со почеток од 18.часот.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 13. КОЛО

Кожув – Еуро Никел 2005         81:86

Вардар – Феникс 2010   89:104

24.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Навико Академија ФМП – Охрид

Сала „Независна Македонија“ - Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/PelDuvNcuBA?si=nmDTv4OSyLCUK4c_

19.00: Чаир 2030 – ТФТ Моцарт

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/a0V-eCzxBAM?si=3Sz13fdPOVShMQGm

26. ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК)

18.00: Гостивар – МЗТ Скопје Аеродром

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/OWSIugI7fA4?si=WycYqZslDnKT5cDT

27.ДЕКЕМВРИ (СРЕДА)

18.00: Работнички – Пелистер

Сала на СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/8oVxQiRn3Po?si=CXFzTmQeA79DUPLe