28.10.2023

МЗТ Скопје и по 11. пат во серија, подобар од Еуро Никел 2005 сигурни (71:61)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Кавадарчани не знаат како да го победат шампионот

ФОТО (Филип Данински): ТФТ Моцарт стигна до важна победа на гостувањето во Гевгелија

По одигрувањето на петтото коло, две екипи се изводија на водечката позиција на табелата. МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ Моцарт се на скор од четири победи и еден пораз. 

МЗТ СКОПЈЕ – ЕУРО НИКЕЛ 2005        71:61

МЗТ Скопје ја продолжи серијата на победи во воведниот дел од сезоната, но и онаа во дуелите со екипата од Кавадарци. Вечерашниот триумф е вкупно 11. во серија кој го запиша актуелниот шампион во дуелите со Еуро Никел 2005.

Првата четвртина мина во израмнета борба, по десет минути игра резултатот гласеше (20:17), позитива што „металците“ дополнително ја зголемија во вториот период, оној „најсиромашниот“ со поени, на двете страни беа постигнати само 22.поени, но МЗТ Скопје имаше четири повеќе, за солидни (33:25) на полувремето.

Во последните десет минути се влезе со двоцифрена предност на МЗТ Скопје од (51:39), но Еуро Никел изненади, и тоа со серија од осум поени, и се приближи на само четири поени негатива.

Сепак, домаќинот го издржа тој налет, брзо се вратија во поентерски ритам домашните кошаркари, се одвоија на двоцифрена предност која ја задржаа до крајот.

Танасковиќ имаше дабл-дабл од 18 поени и 11 скокови, 13 поени постигна Војдан Стојановски, а по 12 имаа Робев и Расел. Кај Еуро Никел 2005, единствен со двоцифрен ефект беше Американецот Смит Мексвејн, реализираше 30. поени.

ГОСТИВАР – ФЕНИКС 2010        63:66

Гостиварци продолжуваат по системот „топло-ладно“ на почетокот на оваа сезона. Од друга страна, Феникс 2010 стигна и до третата по ред победа. Се чини и најважна, на нималку лесното гостување во Гостивар.

Апсолутно израмнето се играше вцечерва во салата „Младост“. Ниту една до двете екипи не успеа да обезбеди некоја „поконкретна предност“. Но гостире од Скопје беа подобри за нијанса, имаа и четворица двоцифрени кошаркари.  Рис и Кларк имаа по 16.поени, Трајковски имаше 13, а Дениел уште 10.

На другата страна од теренот, тројца „двоцифрени“. Екс репрезентативецот Митевски даде 18 (имаше и седум скока), Остен дополни со 14.поени и 8.скока, додека двоен ефект запиша Инграм, кој освен 11.поени имаше и 10.скока.

По пет одиграни кола, Феникс 2010 има скор (3-2), а Гостивар (2-3).

КОЖУВ – ТФТ МОЦАРТ   55:64

ТФТ дојде до значајна победа на гостински терен, славејќи во Гевгелија над тимот на Кожув, на крајот со сигурна позитива. Домаќините постигнаа само девет поени во првата четвртина. Само како своевидна најава за проблемите со кои се соочија и во продолжението на играта. Не дадоа многу до крајот на мечот гевгеличани, па мораше да признаат уште еден пораз, четвртти во пет одиграни кола.

ФОТО (Филип Данински): Гевгеличани делуваа доста неефикасно во дуелите со „црно-белите“

Ташовски со 13, и Хотон со 12 поени беа најефикасни во ТФТ Моцарт, екипа која сега заедно со МЗТ Скопје Аеродром е на скор (4-1) и на делба на првата позиција на на табелата. А прв стрелец на Кожув беше Артисон со 11 поени.

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ  68:119

Промената на тренерската позиција донесе некој позитивен момент кај „црвено-белите“. Тоа се рефлектираше со релативно лесна победа на гостувањето кај „соседите“ во салата „Под Кале“.

Славеше повеќе од убедливо Работнички против екипата во која евидентен е „недостиг на сантиметри“ и „месо во рекетот“.

Дури осум кошаркари во црвено-бела комбинација на опремата, стигнаа до двоцифрен број на поени, а најефикасни беа репрезентативците Ѓуроски со 20 и Шошкиќ со 16. постигнати поени.

Прво поентерско име кај Вардар беше Атанасов, со 18 постигнати поени.

ПЕЛИСТЕР – ОХРИД         97:57

Пелистер стигна и до третата победа по ред со која фаќа приклучок со водечките екипи во Првата лига. Прелесно и преубедливо славеа над Охрид со плус од дури 40.поени.

Охриѓани успеаја да парираа само во првата четвртина по која Пелистер имаше минимално водство од (22:19).

А се чини дека се беше решено во втората во која „бело-зелените“ постигнаа дури 35, а примија само 14.поени, за недостижни (57:33) на полувремето.

Јуре Планиниќ, кој пред неколку дена го облече дресот на Пелистер беше најефикасен со 22 поени (имаше и седум скокови), Мијовиќ даде 18, а Стојановски еден помалку во домашниот состав. Најефикасен во Охрид беше Бернард, стрелец на 16 поени.

Во недела (од 18.часот) е закажан последниот натпревар од ова 5.коло. Оној во спортската сала „Независна Македонија“ во кој се среќаваат екипите на Навико Академија ФМП и Чаир 2030.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 5. КОЛО

Гостивар – Феникс 2010 63:66

Кожув – ТФТ Моцарт       55:64

МЗТ Скопје – Еуро Никел 2005            71:61

Вардар – Работнички      68:119

Пелистер – Охрид 97:57

29.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Навико Академија ФМП – Чаир 2030

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/xV2WlImDKwI?si=BFJL3B0cTwmmleyf

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 9, ТФТ Моцарт 9, Еуро Никел 2005 8, Работнички 8, Пелистер 8, Феникс 2010 8, Чаир 2030 7 (-1), Вардар 7, Гостивар 7, Кожув 6, Охрид 6, Навико Академија ФМП 4 (-1);