09.12.2022

За прв пат во оваа сезона новакот во елитата на домашен паркет во реновираната сала „Шабан Трстена“, против се подобриот Работнички

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Ќе биде и тешко и жешко за Работнички во Чаир

Нема запирање во домашниот шампионат затоа што и наредниот викенд со себе носи доста интересни натпревари. А се чини дека во преден план е гостувањето на се подобриот Работнички во Чаир каде ги чека пресметката против новакот во прволигашката конкуренција, екипата на Чаир 2030.

За првпат откако влегоа во друштвото на најдобрите во оваа сезона, чаирчани ќе играат во својата сала „Шабан Трстена“ во Чаир, а подобро „деби“ и не може да посакаат избраниците на тренерот Ерхан Рамадан.

Во недела навечер, од 19.30 часот, пред себе ја имаат екипата која не знае за пораз во изминатите четири кола. Со промени во играчкиот ростер чаирчани ќе се обидат да стават крај на низата на „црвено-белите“, кои секако имаат свои математики на ова жешко гостување.

Интересно, водечката тројка во првенството има три гостувања. Откако во сабота, во еден ран термин (16.часот), ќе го одработат мечот од АБА лигата против чачански Борац, кошаркарите на МЗТ Скопје во понеделник патуваат за Гевгелија, каде од 18.часот, во салата „26.април“ ги чека натпреварот со Кожув.

Екипата која деновиве направи промена во стручниот штаб каде повеќе не е Игор Михајловски, и која, извесно е, ќе се обиде да направи изненадување, користејќи го заморот на материјалот кај „сино-белите“, кои во меѓувреме, по Андреј Магдевски, останаа без уште еден важен играч, каков што несомнено беше Бре Ајви.

Нималку лесно гостување има и битолски Пелистер, во Скопје, кај екипата на Феникс 2010 натпревар закажан за недела од 20.часот, во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ каде Феникс 2010 ќе ги игра наредните мечеви на домашен терен.

Ништо полесно нема да им биде и на кошаркарите на Гостивар. Во недела навечер, тренерот Љупчо Малинков и неговите играчи, се во неговиот Кавадарци, а за противник ја имаат екипата на Еуро Никел 2005, која оваа сезона игра според системот „топло-ладно“, има и половичен резултат, по четири победи и исто толку порази во осум одиграни натпревари.

Колото број 9 ќе го отворат екипите на Струмица 2022 и ТФТ, во дуелот кој е закажан за сабота од 18.часот, во струмички „Парк“. А еден час подоцна, во Куманово гостува екипата на Навико Академија ФМП, во доста подобро расположение по последниот успех, односно победата против Струмица 2022 на домашен терен.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 9. КОЛО

10.ДЕКЕМВРИ (САБОТА)

18.00: Струмица 2022 - ТФТ

Сала „Парк“- Струмица

ЛИНК: https://youtu.be/08wGnxcYY6A

19.00: Куманово 2009 - Навико Академија ФМП

Сала „Перо Наков“ – Куманово

ЛИНК: https://youtu.be/DwMfb_YUlto

11.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Еуро Никел 2005 - Гостивар

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ЛИНК: https://youtu.be/tELYH9p2s7I

19.30: Чаир 2030 - Работнички

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/VQvNXIxKI6o

20.00: Феникс 2010 - Пелистер

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/1v_QeUIwAjI

12. ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.00: Кожув - МЗТ Скопје Аеродром

Сала „26.април“- Гевгелија

ЛИНК: https://youtu.be/R9mloyoMYd8