23.01.2024

Во четврток навечер (19.часот), МЗТ Скопје и Работнички ќе го одиграат својот 164. натпревар во историјата.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Коло во знакот на „вечното дерби“

Играњето на три наши претставници во АБА 2 лигата, и претстојниот турнир во јадранската конкуренција, условува уште едно првенствено коло кое ќе биде поделено на неколку натпреварувачки денови.

Колото број 15 ќе стартува во среда навечер (18.часот), во салата „Независна Македонија“, каде екипата на Навико Академија ФМП (скор 3-11) ќе го пречека составот на ТФТ Моцарт (8-6), еден од трите со обрски во втората јадранска лига во текот на наредната седмица.

Веќе наредната вечер, на истото место, но од 19.часот, на програмата е новото вечно дерби, дуелот помеѓу екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

Вечните ривали во мак-баскетот ќе го одиграат својот 164. натпревар во историјата. Засега, „црвено-белите“ од „Градски парк“, сеуште, имаат голема предност, водат со (91:72) во победите во сите рангови на натпреварување, не само оние првенствените.  

Она што е посебно, е дека за прв пат во историјата на „вечните“ ќе играат еден натпревар во салата „Независна Македонија“ во скопската населба Кисела Вода.

Поради зафатеност на двете сали во Спортскиот центар „Јане Сандански“, и секако, „близината“ на турнирот од АБА 2 лигата во Нови Сад (во текот на следната седмица) „металците“ беа принудени на една ваква солуција.

Овој дуел доаѓа само неколку дена по нивниот прв пораз пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ во дуелот со битолски Пелистер. Оттука и притисокот, некој императив на победа е токму кај аеродромци. Од друга страна, Работнички е во победничка серија, која и ги донесе во првата „тројка“ на табелата. Па евентуален успех на ова гостување ќе го доближи уште повеќе до лидерот.

Ден порано од оние „викенд термини“ ќе играат и кошаркарите на Пелистер (скор 10-4), кои на својот паркет, во салата „Боро Чурлевски“ за противник ќе го имаат одличниот состав на Еуро Никел 2005 (ефект 11-3). И тоа како важен меч за двете екипи во битката за највисоките позиции на табелата во Првата лига.

Три натпревари ќе се играат во саботните, редовни термини за прволигашка кошарка.

Два ќе се играат од 17.часот.  Првиот е закажан „Под Кале“, каде екипата на Вардар (3-11) е во улога на домаќин на Чаир 2030 (9-5), додека во исто време ќе стартува и дуелот во Гевгелија, каде ќе се сретнат екипите на Кожув (3-11) и на Феникс 2010 (скор 8-6).

Еден час подоцна (19.00), во Гостивар ќе играат екипите на Гостивар (4-10) и на Охрид (3-11).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 15.КОЛО

24. ЈАНУАРИ (СРЕДА)

18.00: Навико Академија ФМП – ТФТ Моцарт

Сала „Независна Македонија“ - Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/FYBMRlKzMMg?si=ADfokZmJmD20xBwn

25. ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК)

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички (МРТ3)

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/q87nXlbC4Gs?si=OcO0scXy7TfSBSQy

26.ЈАНУАРИ (ПЕТОК)

18.00: Пелистер – Еуро Никел 2005

Сала „Боро Чурлевски“ – Битола

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/2XSkMCjTmfA?si=9XRq6wAtw2ICQfNz

27. ЈАНУАРИ (САБОТА)

17.00: Вардар – Чаир 2030

Сала на КК „Вардар“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/5-W_tveAWjI?si=gbXI2-XD9wIFF25o

17.00: Кожув – Феникс 2010

Сала „26.април“ – Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/di39IGtod5s?si=gUNKPf35mo7oWx0t

18.00: Гостивар – Охрид

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/8knW4qEaXLA?si=4SKZJqh2zvIh2WJS

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 26, Еуро Никел 2005 25, Работнички 24, Пелистер 24, Чаир 2030 23, Феникс 2010 22, ТФТ Моцарт 22, Гостивар 18, Кожув 17, Охрид 17, Вардар 17, Навико Академија ФМП 17;