30.09.2023

Кожув не е вистинска конкуренција за МЗТ Скопје на премиерата (86:64), на враќањето во елитата, „вардарци“ подобри од Охрид (90:83)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Лесно за шампионот во Гевгелија, премиерна победа за Вардар

Вечерва, се одиграа уште два натпревари од првото коло во новата натпреварувачка сезона. Во Гевгелија, МЗТ Скопје Аеродорм беше сигурен, и славеше убедлив триумф против екипата на Кожув. Далеку понеизвесно беше „Под Кале“. во дуелот на новите прволигаши, по неизвесна битка во сите 40.минути, на крајот се радуваа кошаркарите на Вардар.

КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     64:86

Максимално сериозно му пристапија „металците“ на првото гостување во новата сезона. За само шест минути направија серија од (21:3), и тоа го одреди понатамошниот тек на натпреварот во салата „26.април“ во Гевгелија.  

Домашните кошаркари заиграа нешто подобро во оние други четири минути, доволно да намалат на нешто поприфатливи, (14:26).

Но не и да направат нешто повеќе, затоа што во вториот период од играта поентерски „се отвори“ Танасковиќ, како резервист набрзина собра девет поени, и заедно со баковиќ (реализираше 12.поени) го носеа бранителот на титулата кон уште поубедлива предност, на полувремето веќе беше плус 20 (49:29).  

По одморот, се чини дека екипата од Аеродром делуваше уште посигурно, и пред се поефикасно. Во 27.минута, гостите од Скопје веќе беа во позитива од 30.поени (72:42), за тргање на дилемите околу победникот.

Крстевски беше третиот, а Робев и четвртиот играч во гостинскиот тим кои ја надминаа двоцифрената бројка на поени. Пред крајот на мечот, Расел ја комплетираше петорката на „двоцифрени“ во МЗТ Скопје Аеродром.

Во Кожув, Слејтер дојде до 16.реализации, Пандев имаше 11, а Караџовски уште 10, додека останатите далеку под очекувањата, и лични и на стручниот штаб, и на публиката во Гевгелија.

ВАРДАР – ОХРИД  90:83

Дебитантот во прволигашката конкуренција почна подобро од екипата која се врати во друштвото на најдобрите. Во првата четвртина охриѓани акумулираа сосема солидна предност, која на истекот на десетте минути изнесуваше осум поени, (21:13).

„Вардарци“ почнаа да играат подобро во нападот во вториот период, доста израмнет, во кој двата ривали поделија по 21.поен, за гостите од Охрид да ја оддржат позитивата, и на одмор да имаат (42:34).

Впечатливо беше дека акцентот во играта на двете екипи беше ставен на стартните петорки. Оние кои го почнаа мечот, имаа слаба поентерска поддршка од соиграчите (само по три поени од резервистите добија двата тренери во тоа прво полувреме).

Во таква ситуација, кај Охрид се издвоија Бернард со 15, и Ибраими и Кимбору кои додадоа по десет во тие 20.минути. Додека пак кај „црвено-црните“, Наков веќе имаше 13, а Атанасов уште 11.реализации.

На средината од третиот дел од играта, Охрид се стекна и со двоцифрена предност. По поентирањето на Ибраими, во 26.минута, гостите имаа (57:46). Но Вардар не дозволи поголемо одвојување на противникот. На истекот на периодот, домаќините заостануваа шест поени (56:62).

Но по тројката на Бајрам, по само две минути играње во четвртата четвртина, беше нерешено (67:67)...

Една минута подоцна, домашната екипа премина и во водство (69:67). А кога веќе го превземаа, домашните кошаркари не го испуштија. Го комплетираа пресвртот, и стигнаа до премиерната победа во прволигашкиот „камбек“, во која голем удел, особено во периодот на одлука имаа Наков и Бајрам, потпомогнати од Митков и Атанасов. 

Оттука, без „употребна вредност“ за дебитантот во друштвото на најдобрите останаа оние 38.поени на Бернард. 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

Вардар – Охрид    90:83

Кожув – МЗТ Скопје Аеродром           64:86

1. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

18.00: Гостивар – Пелистер

Сала „Младост“ – Гостивар

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/LJxngRPVGK8?si=aquIrxO6rK15Vq6j

4.ОКТОМВРИ (СРЕДА)

18.00: Академија ФМП – Еуро Никел 2005

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/tCrwr15i9vE?si=UbkhPZE0kpDwTZlV

ПРЕТХОДНО ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ

Работнички – ТФТ 73:56

Чаир 2030 – Феникс 2010          93:72