22.11.2022

Шампионот немаше сериозни проблеми во дуелот со екипата од Куманово (86:72)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Металците“ не се „потрошија“ премногу, лесно дојдоа до планираните бодови

Во последниот натпревар од 6. првенствено коло, актуелниот бранител на титулата рутинерски ја одработи задачата против не претерано амбициозниот состав од Куманово. 

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ -  КУМАНОВО 2009         86:72

Доста комбинираше тренерот на домапмната екипа Александар Петровиќ, уште од почетокот на дуелот со Куманово. Првата петорка беше репрезентативна, и домашна, со Крстевски, Магдевски, Д. Стојановски, В. Стојановски и Пандев.

И помалку изненадувачки, кумановци добро парираа во тие десет минути. Дури имаа и егал-резултат (17:17).

Ротациите во домашната екипа продолжија и во вториот период во кој влегоа сите 12.кошаркари кои се на располагање во овој момент на стручниот штаб.

Минути во игра во кои шампионот, иако со евидентен замор по тешките 40.минути во АБА лигата и дуелот со ФМП во Железник, сепак се стекна со солидна предност, од шест поени, (36:30).

Од другата страна, гостите го имаа Ален, кој до полувремето веќе запиша 14.реализации, но и сосема кратка ротација (и без Зивчевиќ во ростерот), во која во игра од оние резервни играчи беше вклучен само уште Јовановиќ (подоцна, во втоото полувреме, и Георгиевски).

Добро функционираше шутот од далечина на скопските „сино-бели“. На почетокот на второто полувреме веќе имаа осум тројки (од 17.обиди) и прво двоцифрено водство (40:30). Нешто подоцна имаа и уште повисоки (48:35). А В. Стојановски и Мичовиќ беа првите играчи на МЗТ Скопје Аеродром, кои ја пробија двоцифрената поентерска бариера (по десет поени).

Со серија од (8-2) гостите ја сведоа негативата на едноцифрена (43:50). Но во четири минути до крајот на третата четвртина, арродромци направија „рибрејк“ од (14-2), за недостижни (64:45).  

Иако имаа висока позитива и од (70:50), домаќините го дигнаа процентот на реализација, посебно оној за три поени (имаа 14/27). Капитенот Дамјан Стојановски даде три, за свои 12.поени во петтиот првенствен успех на првакот.

Освен Смит, кај Куманово сосема солидно, од поентерска гледна точка, одигра и Смит, стрелец на 12.поени. 

По шест кола, МЗТ Скопје Аеродром се врати на втората позиција на табелата, се изедначи со бројот на бодови, по 11. со екипата на Пелистер, додека пак Куманово 2009 е во најдолниот дел од поредокот со само една победа во шест одиграни мечеви.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 6. КОЛО

МЗТ Скопје Аеродром -  Куманово 2009     86:72

Гостивар – Струмица 2022        102:80

Феникс 2010 – Еуро Никел 2005         78:83

Работнички – Навико Академија ФМП        120:84

ТФТ – Кожув           103:80

Пелистер – Чаир 2030    91:70

ТАБЕЛА: Гостивар 12, МЗТ Скопје Аеродром 11, Пелистер 11, Феникс 2010 10, Еуро Никел 2005 10, ТФТ 9, Кожув 8, Чаир 2030 8, Работнички 8, Навико Академија 7, Струмица 7, Куманово 2009 7;    

ИДНО КОЛО

Куманово 2009 – Гостивар (27.11)

Кожув – Феникс 2010 (27.11)

Струмица 2022 – Работнички (27.11)

Навико Академија ФМП – ТФТ (28.11)

Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром (29.11)

Еуро Никел 2005 – Пелистер (30.11)