21.03.2023

Немаше никакви проблеми шампионот во дуелот со дебитантот на гостински терен (113:79)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: „Металците“ рутинерски низ Чаир, како мини-подготовка за мечот на одлука, оној во Чачак

Одиграа со максимален ангажман „сино-белите“ на гостувањето во Чаир, и ја оправдаа фаворитската улога...

ЧАИР 2030 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          79:113

Максимално ангажирано му пристапија на овој натпревар, одложен, во рамките на 18 коло, кошаркарите на тренерот Драган Николиќ. Не се „излегува“ така лесно од АБА „рамките“, каде работите не одат според посакуваното. Но, „аеродромци“ покажаа посветеност кон професионалните обврски.

И би се рекло, доста рутинерски ги одработија овие 40 минути во салата „Шабан Трстена“.

Во ниту еден момент не му оставија никаков простор за надеж на само мотивираниот ривал дека може да се понадева на изненадување.

Тоа вечерва во Чаир, го немаше.

Најавата за победата „металците“ ја испратија уште во воведниот период, оној во кој се стекнаа со сосема солдини (27:19), а најголем дел од задачите ги доработија до полувремето, кога веќе изградија плус од 15.поени, (52:37).

Но немаа намера да застанат гостите ниту по паузата од 15 минути.

Се чини притиснаа уште посилно во нападот, дотуркаа до 34 реализации во тој трет дел од играта по кој беше јасно се.

МЗТ Скопје Аеродром имаше недостижни (86:59).

Еден, би се рекло, посериозен тренинг, пред мечот на одлуката кој им следува овој викенд, во Чачак,во кој македонскиот шампион едноставно е ставен пред „морање“. Да биде, како знае и умее, подобар од Борац.

Ова во Чаир беше доста лесно...

Друг битен момент, носителите на играта, играа колку да се „загреат“, а товарот на овој натпревар поентерски го изнесоа Миќовиќ, стрелец на 24 поени, Кук кој одмори во последната четвртина и даде 16, а двоцифрени беа Бурсаќ, Андоноски кои имаа по 13, но и Робев. Кефи и Абу не беа ниту во записникот, а мал број на минути, очекувано, имаа браќата Стојановски.

По изненадувањето и победата над Пелистер, вечерва, чаирчани беа под тоа ниво.Јусуф Мохамед стрелаше за 16 поени, исто толку и Роби, Мустафица имаше еден поен помалку, Цуцковиќ уште 13...

Ама така не се победува МЗТ Скопје Аеродром, особено не кога ќе погоди 13 тројки во само три четвртини, и тоа со 54% на успешност.

ПРВА ЛИГА – МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 18. КОЛО

Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром  79:113

Пелистер – Еуро Никел 2005   92:74

Гостивар – Куманово 2009       86:63

Феникс 2010 – Кожув 83:79

ТФТ Мozzart – Навико Академија ФМП       74:71

Работнички – Струмица 2022  99:66

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 34, Пелистер 32, ТФТ Mozzart 30, Гостивар 30, Еуро Никел 2005 29, Феникс 2010 29, Работнички 28, Кожув 26, Чаир 2030 22, Куманово 2009 22, Навико Академија ФМП 21, Струмица 2022 20;

ИДНО КОЛО (25.03)

Струмица – Навико Академија ФМП

Чаир 2030 – Гостивар

Феникс 2010 – ТФТ Мozzart

Еуро Никел 2005 – МЗТ Скопје Аеродром

Кожув – Пелистер

Куманово 2009 - Работнички