Со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-Кожув, кој шампионот го реши во своја корист со убедливи (89:71), беше отворен вториот круг од натпреварите во Првата лига.
Претстојниот викенд нè очекуваат преостанатите пет. Четири нив се во саботните вечерни термини, последниот пак ќе се игра во недела, во салата „Независна Македонија“ во Скопје.
(сабота, 17.00): ТФТ – Еуро Никел 2005 (МРТ)
Дуел на две екипи кои имаа успешен почеток во новата сезона. ТФТ, кој е домаќин, славеше убедлива победа на гостувањето во Гевгелија, додека пак Еуро Никел 2005 со голем пресврт го искористи домашниот терен за да го победи Гостивар.
“Штотуку ни завршија импресиите од ФИБА квалификацискиот турнир во Русија, а веќе утре го играме и вториот првенствен натпревар, на домашен терен против екипата на Еуро Никел. Исклучително квалитетна и искусна екипа, сигурно претендент за највисоките одличја годинава.
Добро се познаваме, имавме можност да одиграме два натпревари во подготвителниот период. Меѓутоа мислам дека сликата на овој натпревар ќе биде поинаква од она што беше во претсезоната. Полека фаќаме играчки ритам, мораме да бидеме задоволни од исклучително важната победа над Кожув во Гевгелија и со една крајно позитивна атмосфера влегуваме во овој натпревар. Целта е да успееме да парираме во скокот и да наметнеме наш стил и ритам на игра, со многу агресивност и енергија, да го дадеме својот максимум и да одиграме добар натпревар. Подобриот нека победи на крајот! “- гласат очекувањата на Боро Смилковски, тренерот на ТФТ.
Победа во првиот меч славеше и Еуро Никел 2005:
„Ова ќе биде најизедначена сезона, но и најинтересна, бидејќи сите тимови се засилија, и секој секого може да победи. Ќе има многу изненадувања, и затоа мора на секој натпревар да му се пристапи максимално сериозно. Ние секогаш одиме да го дадеме максимумот, и се надевам на успешна сезона. Добро здравје на сите кошаркарски работници“- посакува Самарџиев пред првото гостување во сезоната.
(сабота, 19.00): Гостивар – Куманово 2009
Извесно е дека домашната екипа ќе бара, ќе инсистира на победа на саботниот дуел во кој на гости им доаѓа екипата на Куманово 2009.
Гостиварци може само да жалат што не успеаја да ја крунисаат добрата игра во три четвртини од средбата во Кавадарци. Една лошо одиграна четвртина ги чинеше неуспех во дуелот со вицепрвакот. Оттука, средбата со Куманово 2009 е добра прилика за рехабилитација на „сино-белите“.
Оние од Куманово пак имаат повеќе простор за задоволство затоа што стигнаа до планираната победа против Ангели. Секој плус на гостински терен оваа сезона ќе вреди двојно повеќе. И во таа насока се и размислувањата кај тренерот Игор Ѓорѓиевски.
(сабота, 19.30): Навико ФМП Академија – Пелистер
Во сеќавањата на екипата од Битола веројатно сеуште е оној меч од четвртфиналето од Купот, во кој беа изненадени од екипата со која се среќаваат во сабота навечер во салата „Независна Македонија“.
Иако со доста промени во ростерите, настојувањата на битолчани секако се поврзани со победа која би ги потврдила високите амбиции, но и победата во дерби-дуелот од првото коло со МЗТ Скопје Аеродром.
За Навико ФМП Академија, екипа која веројатно има и најтежок распоред на почетокот на сезоната, ова е можност да поправат доста работи кои беа забележани во оние почетни 40.минути од сезоната во кои беше запишан еден непланиран пораз во дуелот со дебитантот во ова натпреварување – Феникс 2010.
(сабота, 20.00): Работнички – Феникс 2010
Иако потешко од очекувањата, кошаркарите на Работнички ја поминаа првата пречка во новиот шампионат. Беа подобри од младот тим на МЗТ Скопје Уни Банка. А распоредот за противник во второто коло им носи уште една млада екипа – Феникс 2010.
„Првите натпревари покажаа дека овој шампионат ќе биде доста изедначен. Дека нема некои изразити фаворити, дека секој меч е посебна приказна за себе. Не игравме како што посакувавме на премиерниот натпревар. Се надевам дека на овој против Феникс 2010, тие работи ќе ги реализираме подобро. Нема опуштање, нема потценување. Иако се дебитанти, победија на првата средба против Навико ФМП Академија. Тоа треба да ни биде сериозно предупредување. Секогаш мора да го даваме својот максимум, тоа е предуслов за добра игра и за победа“- вели Тони Симиќ.
Неговиот колега, Денис Дервишевиќ ја препушта улогата на фаворит на тимот од „Градски парк“.
“Моите очекувања се движат во насока на тоа да одиграме уште ден добар натпревар, дури и малку подобро во однос на премиерниот во оваа конкуренција. Факт е дека Работнички, без оглед во каков состав настапува, е фаворит. Игравме со нив во периодот на подготовките. Но тоа е минато, сега имаат и некои нови играчи со кои ја сменија концепцијата во играта. Посакувам да бидеме на едно прволигашко ниво, а натпреварот во ‘Кале’ исто така“.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
ДВОЈКИ 2. КОЛО
9.ОКТОМВРИ (САБОТА):
17.00: ТФТ – Еуро Никел 2005 (МРТ)
Сала на СРЦ „Кале“ - Скопје
19.00: Гостивар – Куманово 2009
Сала „Младост“ – Гостивар
19.30: Навико ФМП Академија – Пелистер
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
20.00: Работнички – Феникс 2010
Сала на СРЦ „Кале“ - Скопје
10.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА):
18.00: Ангели – МЗТ Скопје Уни Банка
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
ПОРАНО ОДИГРАНО:
МЗТ Скопје Аеродром – Кожув 89:71