Продолжуваат возбудувањата во најквалитетното. По нецел месец, предвиден за одмор, овој викенд ќе се одигра 13. коло.
И нема да биде комплетирано во наредните два дена, од причина што поради проблемите кои ги донесе коронавирусот, одложен е натпреварот Еуро Никел 2005-ТФТ.
Во меѓувреме, сликата, во добар дел од прволигашките екипи, е малку променета. Беа реализирани доста трансфери, имаше голем број на заминувања, а дел од екипите како, гевгелиски Кожув доживеаја вистинска „трансформација“.
Тие моменти носат уште поголеми возбудувања, и се своевидна најава за уште поквалитетен втор дел од шампионатот.
Ќе го отворат три натпревари, а два од нив се предвидени да се играат во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Први на теренот, од 17.часот, ќе истрчаат екипите на МЗТ Скопје Уни Банка и Ангели. Двата нови прволигаши, со амбиции да „побегнат“ од тие две последни места кои водат во понизок ранг на натпреварување.
Три часа подоцна (20.часот), на истото место, ќе се појават екипите на Феникс 2010 и на Работнички, и ќе го одиграат, според предвидувањата, можеби и најинтересниот меч во ова 13. коло.
Најпријатното изненадување во лигата во втората фаза од првенството влегува засилена со екс капитенот на нашата сениорска репрезентација, Бојан Трајковски.
Од друга страна, турбулентниот период во кој влезе клубот од „Градски парк“ ги остави без услугите на двајцата веројатно и најдобри играчи во првиот дел, Недим Мустафица и Пол Џексон.
И тука лежи шансата за „фениксовци“ да направат ново изненадување, да бидат подобри од најтрофејниот македонски клуб.
Нешто помеѓу, поточно од 18.часот, својот натпревар од ова коло ќе го одиграат екипите на Куманово 2009 и Гостивар.
Кумановци во обид да фатат приклучок со тимовите од горниот дел на табелата, гостиварци пак да ја одбранат актуелната позиција.
Во недела ќе се одиграат уште два натпревари.
Особено тешка задача ќе има „новиот тим“ на Кожув. Во Гевгелија гостува актуелниот бранител на титулата – МЗТ Скопје Аеродром во обид да го исправи киксот, поразот во последниот натпревар од 2021 година.
Ќе му биде навистина тешка задачата на новиот, тренер Перо Блажевски, да го надомести заминувањето на неколку стандардни првотимци и репрезентативни имиња како Кирил Николовски, Марко Симоновски, Предраг Пајиќ, странците, Чез Вилијамс, Враниќ...
Лидерот во шампионатот, екипатана Пелистер, исто така направи промени. Од Битола си замина Бојан Трајковски, дојде Предраг Пајиќ од Кожув, па средбата со Навико Академија фМП (од 18.30 часот), ќе покаже колку тоа ќе „влијае“ во втората, потоа и завршна фаза од Првата лига.
Пред себе ќе имаат крајно мотивиран противник, посебно ако се земе в предвид дека екипата од Кисела Вода пре днекоја вечер стигна до својата прва „европска победа“, макар и во БИБЛ лигата, што донесе уште поголема самодоверба во редовите на Навико Академија ФМП.
ДВОЈКИ 13. КОЛО
САБОТА:
17.00: МЗТ СКОПЈЕ УНИ БАНКА – АНГЕЛИ
Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
https://youtu.be/otwobSTGwL8
18.00: КУМАНОВО 2009 – ГОСТИВАР
Сала „Перо Наков“ – Куманово
https://youtu.be/8l3i4ie61TM
20.00: ФЕНИКС 2010 – РАБОТНИЧКИ (МРТ)
Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
https://youtu.be/lxdmGU6y6yc
НЕДЕЛА:
17.30: КОЖУВ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ
Сала „26.април“ – Гевгелија
https://youtu.be/bfv8z661kwo
18.30: ПЕЛИСТЕР – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП
Сала „Боро Чурлевски“ – Битола
https://youtu.be/I3533DswwGI
ОДЛОЖЕН НАТПРЕВАР
3.ФЕВРУАРИ
18.00: ЕУРО НИКЕЛ 2005 – ТФТ
Сала „Јасмин“ – Кавадарци
https://youtu.be/c5IPn9KpQvQ