30.03.2024

„Металците“ беа сигурни на гостувањето кај Навико Академија ФМП (105:67), пoдобриот скор против Работничи ги (о)става на првото место

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: МЗТ Скопје Аеродром ќе ја почне одбраната на титулата од првата стартна позиција

Неизвесен финиш имаше регуларниот дел од сезоната во Првата лига. Двата наши најтрофејни колективи, МЗТ Скопје и Работнички водеа битка до последното коло.

И двете екипи победија и во финалното, 22. коло од регуларниот дел. МЗТ Скопје беше подобар од Навико Академија ФМП, Работнички пак поуспешен од Гостивар.

А на крајот, пресуди подобриот кош-количник кој го имаат популарните „металци“ во меѓусебниот однос на нивниот најголем ривал низ историјата...

НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ  67:105

Не препуштија ништо на случајноста аеродормци на најблиското гостување во оваа сезона, она во Кисела Вода. Уште во воведниот период, за само осум минути, се стекнаа со двоцифрена позитива (27:10), што им овозможи малку порелаксирана игра во продолжението од натпреварот.

Се што направија „лавовите“ во продолжението од средбата беше да ја намалат таа негатива на (22:33), како што беше во првите две минути од втората четвртина.

Но до крјаот, на теренот постоеше само една екипа – гостинската. Експресно, во рок од нешто повеќе од пет минути, бранителот на шампионскиот пехар направи недостижни (53:29).

Одлично, во тој дел од натпреварот „одработи“ Робев, кој нанижа 13.поени, и беше првиот „двоцифрен“ играч во гостинската екипа. Во домашната тоа беше Робертс (даде 14).

На полувремето, МЗТ Скопје водеше со повеќе од убедливи (55:33).

Слично се одвиваа работите и во третиот период. Навико Академија ФМП одново имаше неколку добри минути, ги искористи да намали на (49:62). Но не и да ја направи негативата едноцифрена.

Но следуваше нова серија на гостите, сега од (12-0) за враќање на работите „во нормала“, односно предноста на фаворитот беше скоро удвоена, (74:50), а до истекот на тој дел од играта – зголемена на (79:52).

Баковиќ со 19.поени (и седум скока) ја предводеше гостинската петорка со двоен број на поени. Робев запре на 17 реализации (и шест скока), а свои одлични минути имаше троецот млади кошаркари, Андоноски (20.поени и девет скока), Миловановиќ (12.поени и 3.скока) и Петков, кој заврши со 11.поени.

Кај Навико Академија ФМП, Робертс постигна 25.поени, Петровски додаде 13, а Ѓурашевиќ и Димитровиќ имаа по десет реализации.

РАБОТНИЧКИ – ГОСТИВАР        104:84

Полека, но сигурно го кршеа отпорот на гостите од Гостивар домашните кошаркари. Во првите десет минути веќе беа на солиден плус (21:15), а заиграа уште поефикасно во вториот, за ист епилог. „Црвено-белите“ предноста ја удвоија до полувремето, водеа со двоцифрени (51:40),

Во текот на третиот период, таа разлика порасна и на плус 20, (74:54).

Одлично функционираше троецот, Декоузи, Трајс и Рикиќ (заедно искомбинираа 59 поени во тие нецели три четвртини).

На другата страна, поентерски парираа Вилијамс (веќе имаше 32.поени), И Инграм (го следеше со 21). Па пред крајот на третиот дел, Гостивар симна скоро половина од високата негатива. Се доближија гостите на (69:80), а по 30 минути од играта, беше слични (86:75).

Без многу резултатски отскокнувања поминаа и последните десет минути, Работнички рутинерски го приведе мечот, и стигна до уште една, десетта победа во низа.

Декоузи не промаши во обидите за три поени (4/4) и заврши со 28.реализирани поени. Трајс го следше со 20 (плус седум асистенции и четири скока), исто толку постигна и Рикиќ, но придодаде и 11 скока, и две асистенции. До крајот, на двоцифрен број поени во домашната екипа завршија и Ѓуроски – стрелец на 13, а Ѓелетовиќ, кој даде 12.поени.

На другата страна од игралиштето, Вилијамс финишираше со 39.поени, плус осум скока, и по пет асистенции и освоени топки, додека Инграм даде 23.поени, дополнети со пет скока и четири асистенции.

По 22 одиграни кола, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички завршија со идентичен ефект (18.победи и 4.порази. Но екипата од Аеродром има подобар скор во меѓусебните дуели одиграни во овој прв дел од сезоната, и ќе тргне во плеј-офот од првата стартна поаиција, која во четвртфиналето им го носи Гостивар како прва пречка во одбрана на титулата.

Работнички, како второпласиран, за ривал во четвртфиналето (се игра според принципот ‘подобар во пет натпревари’, ќе го има тимот на Феникс 2010, кој без оглед на исходот од последното коло, ќе остане на седмата позиција на табелата.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 22.КОЛО

Работнички – Гостивар   104:84

Навико Академија ФМП – МЗТ Скопје Аеродром           67:105

Кожув – Пелистер            (во тек)

20.30: ТФТ Моцарт – Феникс 2010 (МРТ3)

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/FZOq5xGhWoY?si=EVytT35OuNxB1twY

21.00: Чаир 2030 – Охрид

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/fd0xL3IzuU4?si=hT1ZBSKHuPskFpSm

31.МАРТ (НЕДЕЛА)

19.00: Вардар – Еуро Никел 2005

Сала на КК „Вардар“ - Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/nVrgqx9-9v0?si=6rUoSQIsjj9n93jo

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 40, Работнички 40, Пелистер 36 (-1), Чаир 2030 35 (-1), Еуро Никел 2005 34 (-1), ТФТ Mоцарт 33 (-1), Феникс 2010 32 (-1), Гостивар 30, Кожув 26 (-1), Охрид 25 (-1), Навико Академија ФМП 26, Вардар 24 (-1);