16.03.2024

Во второто полувреме, аеродромци беа подобар противник, на крајот стигна наградата – победа од (89:84).

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: МЗТ Скопје го одбрани првото место во Чаир

Натпревар исполнет со голем број на резултатски промени, односно „качувања“ и „симнувања“ кај двете екипи кои беа дел од дербито на 20. круг од Првата лига. Гостите од Аеродром имаа подобар финиш и ги однесоа двата и тоа како важни бодови од Чаир.

ЧАИР 2030 – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ          84:89

Неверојатно прво полувреме одиграа Чаир 2030 и МЗТ Скопје Аеродром. Или 20 минути исполнети со големи пресврти и во играта и во резултатот.

Прво, гостите од Аеродром поведоа со солидни 17:10), но нивното водство не беше долго со важност. Затоа што чаирчани го имаа неверојатниот Бревин Галовеј!

Одамна не е видена на нашите паркети една таква шутерска секвенца. Исполнета со шест точни шутеви вредни по три поени, без промашување. За 18. поени во првиот квотер во кој Чаир 2030 дури и го презема водството.

Имаше плус 4 (25:21).

И не се задоволија со тоа кошаркарите кои од клупата ги предводи тренерот Ерхан Рамадан, затоа што на раположението на Галовеј (до полувремепто шутираше 7/8 зад линијата од 6.75 метри), потпомогнат од Мустафица, на моменти од Александровски, домаќините имаа и двоцифрени (40:30).

Но на овој меч се прашуваше и шампионот...

Тргна серијата на „металците“ од (14-2) со која направија резултатски пресврт, и полувремето го дочекаа со минимално водство (44:42). По две тројки имаа браќата Стојановски и Баковиќ, а и сосема добра распределба на поените кај стартерите на гостинската екипа, што не беше случај кај домашната во тие 20.минути од дербито на 20.коло.

МЗТ Скопје беше екипата која имаше подобри моменти во третиот период од дербито. По поентирањето на Војдан Стојановски (негов 13.поен), аеродромци се стекнаа и со двоцифрена предност (64:54) кога се играше 29.минута.

Но до крајот на тој дел од играта, Какруки и Галовеј (со нова тројка, за него осма на натпреварот), го преполовија тој висок минус на (59:64).

А Галовеј немаше намера да запре со шутирањето, но и погодувањето за три поени. Ја продолжи својата одлична шутерска серија, а чаирчани се доближија и на само „половина кош“ (63:64).

По неговата десетта тројка (односно 32.поен), Чаир 2030 дури и го презема водството (68:67).

Но Гилон и Баковиќ одговорија на идентичен начин, со точни шутеви вредни по три поени. За нова промена на водството, сега плус 5 за МЗТ Скопје (73:68). Серијата на гостите ја продолжи Крстевски, за уште повисоки (75:68).

Имаа гостите комплетно расположена, за поентирање, прва петорка, која веќе беше двоцифрена, што и не беше случај во домашната екипа. „Металците“ имаа висок процент на реализација во шутот за три 12/26 односно 46%), но распределбата, односно селекцијата на шутот беше сосема поинаква (четворица поентери зад линијата од 6.75 метри).

Галовеј стигна и до својот 11. точен обид за три поени, за да намали на достижни (75:78). Но веднаш врати капитенот на гостите, Дамјан Стојановски, за ново одвојување, сега на (75:81).

Во последните две минути од дербито, чаирчани имаа проблем и со реализација на слободните фрлања. Казни Баковиќ, кој врза пет поени, за недостижни десет поени вишок (86:76), на само 41 секунда до крајот.

Безвредна остана и онаа 12 тројка на Галовеј и неговите рекордни 40 поени, за ублажување на поразот на овој и тоа како важен натпревар.

Особено за гостинската екипа која со овие два бода се врати на првото место, кое го дели со Работнички (ефект 15-5).

Поентерски, со 19 поени ги предводеше Гилон, тројца играчи, Дамјан, Војдан Стојановски и Баковиќ имаа по 16, додека Танасковиќ имаше уште 12.

Во домашната екипа, Галовеј запре на 40.поени, Далгер го следеше со 12, а Мустафица со 11.поени.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 20.КОЛО

Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром   84:89

Навико Академија ФМП – Гостивар  82:102

Работнички – Кожув        92:73

17.МАРТ (НЕДЕЛА)

20.00: Феникс 2010 – Охрид

Мала сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/iA7MfuFo1g4?si=Uilbl5j3EsEpUDah

ПОРАНО ОДИГРАНО:

Вардар – Пелистер          74:86

ТФТ Моцарт – Еуро Никел 2005          73:56

ТАБЕЛА: Работнички 36, МЗТ Скопје Аеродром 36, Пелистер 34, Еуро Никел 2005 33 ТФТ Mоцарт 33, Чаир 2030 33, Феникс 2010 30 (-1), Гостивар 27, Кожув 25, Академија ФМП 24 Охрид 23 (-1), Вардар 23;