Нема пречки за најтрофејниот македонски клуб во овој втор дел од првата фаза од првенството. По четирите порази, и промените, пред се во играчкиот ростер, Работнички знае само за победи. Така беше и вечерва, на гостувањето во Гевгелија. Момците од „Градски парк“ ја запишаа и седмата по ред победа, која ги става во горниот дел на табелата пред зимската пауза.
КОЖУВ – РАБОТНИЧКИ 85:110
Гевгеличани имаа само добар почеток, поточно одлични воведни минути имаше нивното најново засилување од Куманово, Душан Јузбашиќ, кој практично сам, со реализација на 12.поени, му донесе водство на Кожув од (17:10) по нецели шест минути игра. За жал по гевгеличани, и нивните најдобри во првото полувреме.
Затоа што од тој момент, на теренот во салата „26.април“ како да постоеше само една екипа – Работнички.
До крајот на првиот период, црвено-белите“ направија контра-серија, изразена со (16-2), за премин во водство, сосема солидно (26:19). Но гостите не се задоволија со тоа, притиснаа уште повеќе, и веќе на полувремето побегнаа на уште повисоки (57:42).
Кога веќе се стекнаа со висока позитива, гостинските кошаркари го однесоа мечот во „мирни води“, рутинерски ја одржуваа предноста, која во ниту еден момент не „падна“ на едноцифрена.
Комплетната прва петорка на гостите делуваше поентерски располжено, макар што со 21 поен, прв стрелец беше Џексон Пол, еден помалку постигна Малешевиќ, а Форте и Бакоч поделија уште по 18, но Американецот имаше и 11 скока.
Освен Јузбашиќ, кој финишираше со 31.поен, во рубриката - стрелци кај Кожув, Петровски запиша одлични 23, Ризвиќ 14, а Колев уште 13 поени.
ЧАИР 2030 – СТРУМИЦА 2022 97:92
Доста подобро изгледаше играта на Чаир 2030 на почетокот на средбата на екипите од дното на табелата. Дури и без вистинска поддршка од трибините (суспендиран е теренот на Чаир 2030), домашната екипа предводена од Јусуф Мухамед, оствари играчка, а потоа и резултатска доминација.
Поведоа чаирчани со (24:15), на истекот на првиот период, а не попуштија ниту во продолжението на играта. Ефикасното прво полувреме го затворија со уште повисоки (51:39), а нивниот најкорисен играч во овој прв дел од сезоната, веќе беше на дабл-дабл ефект (16.поени и 10.скока).
Но работите почнаа да се менуваат со почетокот на третата четвртина. Одлично го отворија тој дел од играта гостите од Струмица. За нецели пет минути, остварија (17-8) и сериозно му се приближија на Чаир 2030, беа во негатива од само три поени (56:59).
Одлично функционираше троецот Мамузиќ-Стаменковиќ-Крстајиќ, кои дадоа 49, од вкупно 56 поени за Струмица 2022. А она што го најавија во третата, струмичаи го реализираа во четврттата, преминаа во водство (73:71) откако ги дадоа првите четири поени од тој решавачки дел од играта во салата „Шабан Трстена“ во Чаир. Но кога требаше, и во буквална смисла на зборот „се појави“ творецот на претходниот триумф на „сино-белите“ од Чаир, Дареал Френклин ги дочека своите минути и на овој натпревар. Го наполни противничкиот кош, застана на 36.поени, имаше и осум скока, и со голема помош која дојде од Јусуф, изразена со двоен ефект од 25 поени и 14 скока, и десет поени кои дојдоа од Бунч, се покажа како доволно за нов успех на дебитантот во друштвото на најдобрите.
ЕУРО НИКЕЛ 2005 – НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП 92:63
Неверојатно, но вистинито делуваа оние (21-0) кои ги остварија кошаркарите на Еуро Никел 2005 во нецели девет минути од почетокот на средбата во Кавадарци. Гостите од Скопје погодија за прв пат во последната минута од првиот период, кој домаќините го решија во своја корист со (23:6).
Затоа пак многу порамноправно се играше во вториот, во кој кавадарчани како да се задоволија со високата предост, па некако го успорија ритамот на натпреварот. Доволно за гостите од Скопје да се ослободат од тој почетек „притисок“ и да заиграат многу подобро, особено во нападот. Дури и го добија тој период со (14:11), но Еуро Никел 2005 сеуште имаше високи (34:20) на полувремето.
По израмнетиот трет дел од играта, сите дилеми, ако воопшто постоеја, „паднаа“ по нецели пет минути од последната. Оние во кои кавадарчани направија (18-6), и одново дојдоа на (76:52), сега недостижни за екипата од Кисела Вода.
Петмина играчи во составот на Горан Самарџиев завршија со најмалку десет поени. Токму по десет реализираа Соколов и Ѓекиќ, два повеќе имаше Стојановски, Бојчев дојде до 14, а најмногу 15, даде Планиниќ, додека пак во гостинската екипа се издвоија Габриел Костоски, стрелец на 19 поени, и Предраг Пајиќ кој дополни со 12.
За Еуро Никел 2005 ова е шестта победа во 11 одиграни натпревари, а Навико Академија ФМП останува на три.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 11.КОЛО
Чаир 2030 – Струмица 2022 97:92
Кожув – Работнички 85:110
Еуро Никел 2005 – Навико Академија ФМП 92:63
25.ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА)
18.00: Куманово 2009 – ТФТ
Сала „Перо Наков“ – Куманово
ЛИНК: https://youtu.be/w7xbIC7K6qA
20.00: Феникс 2010 – Гостивар (МРТ3)
Голема сала „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://youtu.be/h9IBO-wk690
27.ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК)
17.00: Пелистер - МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Боро Чурлевски“ - Битола
ЛИНК: https://youtu.be/CrNxqnnWZHo
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 19 (-1), Гостивар 18 (-1), Пелистер 18 (-1), Работнички 18, ТФТ 16 (-1), Еуро Никел 2005 17, Феникс 2010 15 (-1), Кожув 14, Навико Академија ФМП 14, Куманово 2009 12 (-1), Струмица 2022 12, Чаир 2030 12;