Во последниот натпревар од 20.коло, кошаркарите на Охрид имаа феноменална прва четвртина во која дојдоа до голема позитива. На крајот, се покажа дека е доволна за петти триумф во сезоната, кој им дава поголеми шанси во трката за опстанок во друштвото на најдобрите.
ФЕНИКС 2010 – ОХРИД 90:100
Неверојатна прва четвртина одиграа кошаркарите на Охрид. Извесно, најдобра за нив во досегашниот дел од сезоната. Десет минути во кои на противникот му испорачаа дури 39 поени, примија само 15, за големи, за огромни (39:15)!
Она што посебно импонираше во играта на гостинската екипа е и фактот дека дури четири од стартните играчи до полувремето имаа двоцифрен поентерски ефект.
На Андерсон, Димовски, Бревер и Лајонс им парираше единствено најискусниот во домашниот тим – Бојан Трајковски.
Премалку и за било каква најава за евентуално „враќање“ на Феникс 2010 на овој натпревар, затоа што во втората четвртина, работите на теренот беа во рамките на изедначеност, што индиректно кажуваше дека Охрид го чува тој висок плус направен во премиерната.
На полувремето Феникс 2010 беше во нешто помало заостанување, но големо (38:58).
А се чини дека оние 15. минути беа доволни за „рефреширање“ за домашната екипа. На теренот излезе еден „поинаков“ Феникс 2010 во однос на првото полувреме.
Во третиот дел од играта четата на Денис Дервишевиќ таа негатива ја преполови. Дојде до -10, (66:76) на влезот на последната четвртина. Освен Трајковски „ се разбудија“ и Рис и Метјус, Дениел и Митревски, кои ја надминаа бројката од десет или повеќе реализации.
А како одминуваа минутите од истата, така се топеше и онаа друга „десетка“ од позитивата која ја имаа охриѓани.
Во последните две минути, Охрид имаше само четири поени предност (89:85).
Многу важни поени, четири по ред, реализира Бревер, кој ги однесе гостите од Охрид на (93:85), а победата ја потврди најдобриот нивни играч, Мајкл Андерсон.
Го запиша својот 21.поен, за (96:89), и го комплетираше тројниот ефект на овој меч во кој додаде и по десет скока и исто толку успешни додавања до соиграчите.
Реткост е не само во Охрид, тројца играчи да на надминат броката од 20.поени, како вшто бее случајот вечерва. Освен Андерсон кој застана на 23.реализации,Лајонс дополни со 22, а Бревер имаше 20.поени, додека Димовски заврши со 18, пред да ја добие петтата лична грешка поради која не играше во финалните и решавачки минути од натпреварот.
Кај Феникс 2010, безвредно остана изданието на Трајковски, кој на 26.поени придодаде и 13.скока, но и 6.асистенции, па ниту оние 15.поени на Рис, ефектите на Митревски и Дениел (по 13), и Метјуз (12).
Ова беше петтата победа на Охрид во 20.одиграни кола, а деветтиот пораз за Феникс 2010 кој го остава на седмото место на табелата.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 20.КОЛО
Феникс 2010 – Охрид 90:100
Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром 84:89
Навико Академија ФМП – Гостивар 82:102
Работнички – Кожув 92:73
Вардар – Пелистер 74:86
ТФТ Моцарт – Еуро Никел 2005 73:56
ТАБЕЛА: Работнички 36, МЗТ Скопје Аеродром 36, Пелистер 34, Еуро Никел 2005 33, Чаир 2030 33, ТФТ Mоцарт 33, Феникс 2010 31, Гостивар 27, Кожув 25, Охрид 25, Академија ФМП 24, Вардар 23;
ИДНО КОЛО (23.03)
Пелистер – Навико Академија ФМП
Еуро Никел 2005 – Чаир 2030
Гостивар – Кожув
Феникс 2010 – Работнички
Охрид – ТФТ Моцарт
МЗТ Скопје Аеродром – Вардар