14.10.2022

Во Битола, доминација на „зелено-белите“, за прва победа во сезоната, против Работнички (92:76)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер го совлада Работнички, како добра уверира за првиот АБА 2 „балон“ на Златибор

„Пелистерци“ имаа контрола над играта и над резултатот во дуелот со екипата од „Градски парк“. На крајот, тоа го валиризираа со сигурен триумф, како добра најава за она што следува, учеството на првиот турнир од АБА 2 конкуренцијата кој стартува на почетокот на следната седмица на Златибор. 

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ        92:76

Домашната екипа беше подобар ривал во однос на Работнички во првиот период од играта

„Пелистерци“ стигнаа до највисокото водство во 16.минута, поведоа со (37:25), и го натераа тренерот на гостинската екипа, Димитар Мираковски да побара минута за одмор и советување.

Но без особен резултат, затоа што домашната екипа изгради уште повисоко водство од (41:27) како што беше во 18.минута.  Празните минути на гостинската екипа, со тројка ги прекина најмладиот во тимот, Шошкиќ, за (30:41). Но веднаш врати искусниот Караџовски, со иста мерка, за (44:30).

Интересно, тоа беше само втора тројка за тимот од Битола (од само пет обиди) во првото полувреме кое финишираше со предност од (47:33).

Карутерс реализираше 12, а Хаџифејзовиќ 11.поени за домашната екипа, додека пак на онаа кај Работнички, Крафорд даде 13, а Нотаж уште девет поени.

Токму овој двоец го врати Работнички кон подобар развој на настаните во продолжението од играта. Гостите од Скопје се доближија на само „два поседи“ негатива (56:62), како што стоеше на семафорот во 27. минута од играта. Но битолчани најдоа одговор, набрзина беа на многу покомфорна позитива од (67:59).

Веќе на почетокот на последната делница, во 33.минута, „зелено-белите“ беа уште подалеку, поведоа со (84:66) и ја најавија првата победа во новото првенство.

Комплетната прва петорка на Пелистер заврши со двоен број на поени Најмногу, 29, постигна Хаџифејзовиќ, Карутерс заврши со 24, Караџовски имаше 14, Мустафица 12, а Стајиќ уште 11.поени (имаше и 12. асистенции).  

Кај Работнички, Крафорд даде 23, Шошкиќ 16, а Нотаж остана на 11. реализации.  

Инаку, останатите натпревари ќе се одиграат за време на викендот, со исклучок на дуелот во Скопје, каде бранителот на трофејот, го пречекува Гостивар. Таа средба, поради обврските на „сино-белите“ во АБА лигата, ќе се одигра на 18. октомври (вторник) од 19.часот.

Во саботните термини, од 17. часот, екипата на Феникс 2010 е домаќин на Навико Академија ФМП. Еден час подоцна следуваат уште два натпревари. Во Гевгелија, Кожув е домаќин на Струмица, додека пак во Кавадарци, Еуро Никел 2005 го пречекува Куманово.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 2. КОЛО

Пелистер – Работнички  92:76

Чаир 2030 – ТФТ    83:87

15.ОКТОМВРИ (САБОТА)

17.00: Феникс 2010 – Навико Академија ФМП

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

СТРИМ: https://youtu.be/TMVq6isHkWE

18.00: Кожув – Струмица 2022

Сала „26.април“ – Гевгелија

СТРИМ: https://youtu.be/cqiMPufoPNE

18.00: Еуро Никел 2005 – Куманово 2009

Сала „Јасмин“ – Кавадарци

СТРИМ: https://youtu.be/-NVR8q0r6Yw

18. ОКТОМВРИ (ВТОРНИК)

19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

СТРИМ: https://youtu.be/tj_yqdcwCP0