08.04.2023

Во Битола, сигурна победа на „пелистерци“ (92:69) во мечот на двата македонски претставници во АБА 2 лигата

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер тешко „се искачува“, го почувствува тоа и ТФТ

Во дербито на 21 коло, во Битола, Пелистер не дозволи никакво изненадување. Имаше постојано водство против скопските „црно-бели“, и на крајот, тоа го претвори во победа, која ги „зацементира“ на втората позиција, а во исто време и ги „држи“ во игра за највисоката во случај на кикс на лидерот МЗТ Скопје Аеродром во дуелот против Феникс 2010.  

ПЕЛИСТЕР – ТФТ МOZZART       92:69

Пелистер беше подобра екипа во првото полувреме. Од самот почеток, „бело-зелените“ го наметнаа својот препознатлив стил на игра, пред се, доста ефикасен, со доста реализации. Поведоа со (14:8), нешто потоа имаа и (16:11). Гостите од Скопје успеаја да израмнат на (16:16). Но до истекот на првата четвртина битолчани одново се одвоија, ја затворија со сосема солидни (25:18).  

Со тројка, Караџовски ја донесе и првата двоцифрена предност за Пелистер (28:18), која ја зголеми Силаџи, на (32:20), по што следуваа минутите за „црно-белите“.

Се врати ТФТ Mozzart со серија од (10-0) во која искусниот Симоновски даде половина од тие поени, за (30:32), по четири минути игра од втората четвртина. Три минути подоцна, гостите имаа и само еден поен негатива помалку по техничката грешка на домашниот тренер, (35:36).

Но Стајиќ и Хаџифејзовиќ не дозволија и промена на водството. Го донесоа Пелистер во нешто побезбедна ситуација, односно водство од (40:35). Одговори, Костоски, со тројка, за (40:42), пред хаџифејзовиќ со својот 15.поен во полувремето, да постави (44:40).

 Она што го бараше цело прво полувреме тимот на тренерот Боро Смилковски, го најде по четири минути игра во продлжението. ТФТ поведе за прв пат (52:51), кога погоди Костоски.

Само за кратко, затоа што Карпентер „врза“ пет поени, кои со оние два на Сапунџиев, го вратија Пелистер во нова предност (58:52).

Серијата на „пелистерци“ не ја прекина ниту тајм-аутот на Смилковски. Имаше домашниот тим и плус 10 (62:52), откако Сапунџиев даде нова тројка.

Таа разлика, дури и малку повисока, домашната екипа ја имаше и по 30.минути. (68:57).

Кога домаќините поведоа и со (79:62), враќање за скопјани, едноставно немаше. Макар што до крајот на средбата во салата „Боро Чурлевски“ останаа да се играат цели шест минути.

Освен стандардно добрата игра на Хаџифејзовиќ (мечот го затвори со 21.реализиран поен), во второто полувреме поентерски „се отворија“ и другите стартери како Стајиќ (17.поени) и Карпентер (13), а особено тоа се однесува за „резервистот“, Силаџи, кој за релативно кратко време комплетираше ефект од 16.поени и 5. скока.

Кај гостите, покрај Костоски, кој заврши со 17.поени (плус шест скока и пет асистенции), некогашниот играч на Пелистер, Хотон дојде до дабл-дабл учинок од десет поени и исто толку скока, а Андерсон и покрај лошиот шут за три поени, даде 12.

По ова коло, Пелистер останува на „двојката“ со скор (17-4), додека пак ТФТ пред последниот меч во регуларниот дел е на ефект (14-7), доволен за делба на позицијата 3, заедно со екипата на Гостивар.  

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 21.КОЛО

Пелистер – ТФТ Мozzart 92:69

Кожув – Гостивар 94:87

9.АПРИЛ (НЕДЕЛА):

18.00: Еуро Никел 2005 – Работнички (МРТ 3)

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/KDthMiC86J4?feature=share

18.00: Куманово 2009 – Струмица 2022

Сала „Перо Наков“ – Куманово

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/vBVh4ouCy2c?feature=share

21.00: Чаир 2030 – Навико Академија ФМП

Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/tZffEKo4wh8?feature=share

10.АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.00: Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром

Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/ry_Z19mJUEk?feature=share