19.01.2023

Дуелот на екипите кои го делат второто место на табелата, заврши со убедлив триумф на „зелено-белите“ (117:87)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер тешко се „искачува“, гостиварци се уверија во тоа

Гостиварци играа во Битола само пет-шест минути, оние првите... Се друго беше на страна на „пелистерци“. Дуелот на екипите кои го делат второто место на табелата, заврши со убедлив триумф на „зелено-белите“ кои со скор (9-3) сега се „сами“ на позицијата број 2, и го следат лидерот МЗТ Скопје Аеродром, кој има две победи повеќе.

ПЕЛИСТЕР – ГОСТИВАР  117:87

Требаше да биде дерби меч овој вечерашниот во салата „Боро Чурлевски“. Но егал се играше само во првите пет-шест минути. Оние во кои гостите од Гостивар водеа со (14:11).

А потоа на теренот како да постоеше само една екипа-Пелистер.

Со серија од (22-2) која траеше нецели четири минути, „зелено-белите“ го свртеа резултатот во своја корист.

И тоа како...

На истекот на првата четвртина поведоа избраниците на тренерот Марјан Илиевски со (33:16).

И немаа намера тука да застанат. Макар видно ослабени со неиграњето на Корсантија и Митевски, и со само две замени од клупата (браќата Димитриески) гостиварци како да престанаа да играат, особено тоа се однесува за оној дефанзивен дел. Секако, со исклучок на офансивното издание на Виктор Ефремовски кој во првото полувреме ги даде половина од поените за „сино-белите“ од Гостивар.

Но репрезентативниот бек остана без вистинска играчка поддршка. Не помогна многу ниту новото име во редовите на Гостивар, Витли Кахлон.

За разлика од него, многу помотивирано делуваше Андреј Mаслинко на другата страна на теренот. Во првиот меч како играч на Пелистер, довчерашниот „гостиварец“ беше една од причините за големата позитива која ја реализираа „пелистерци“ во првото полуѕвреме, која на истекот на 20.минута, веќе беше недостижна (65:42).

Оние втори 20 минути се претворија во ревијални, затоа што вечерва, Гостивар не беше противник по мерка за Пелистер, кој покажа дека подготвен ги дочекува предизвиците кои со себе ги носи настапот на уште еден „балон“ во АБА 2 лигата. 

Отсуството на репрезентативецот Бобан Стајиќ, одлично го надополнија неговите соиграчи, Петмина од нив завршија как одвоцуфрени, одлично деби со 21 поен (и седум скока) имаше Маслинко, го следеа Карутерс со 20, Карпентер со еден помалку, додека Хаџифејзовиќ заврши со дабл-дабл од 18.поени и 11.скока, а Мустафица дополни со 17.

На крајот, Ефремовски застана на 36.поени, Вучковиќ дојде до двоен ефект изразен со 21.поен и 13.скока, додека Ренато Димитриевски дополни со уште 11. 

Инаку, три натпревари од овој 12.круг ќе се играат во сабота навечер. Два стартуваат од 18.часот, Еуро Никел 2005 ќе ја пречека екипата на Струмица 2022, а Кожув, скопска Навико Академија ФМП. А еден час подоцна, во Чаир, поточно во салата „Шабан Трстена“, екипата на Чаир 2030 е домаќин на Куманово 2009.

Колото број 12 ќе биде затворено во недела навечер, од 20.часот, во СЦ „Јане Сандански“, каде екипата на Феникс 2010 ќе се обиде да стави крај на серијата на победи (седум) на Работнички.   

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 12. КОЛО

Пелистер – Гостивар       117:87

МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ    91:81

21.ЈАНУАРИ (САБОТА):

18.00: Кожув – Навико Академија ФМП

Сала „26.април“ - Гевгелија

ЛИНК: https://youtu.be/8UTX86IxZak

18.00: Еуро Никел 2005 – Струмица 2022

Сала „Јасмин“ - Кавадарци

ЛИНК: https://youtu.be/ctglDUPbnJI

19.00: Чаир 2030 – Куманово 2009

Сала „Шабан Трстена“ - Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/6YSeUKkoQiQ

22.ЈАНУАРИ (НЕДЕЛА):

20.00: Феникс 2010 – Работнички (МРТ3)

СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/cFOvlNGQJAY