01.04.2023

„Зелено-белите“ имаа доминантен настап против екипата која има уште пократок играчки ростер, за висок триумф (93:74)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер убедлив против Феникс 2010, за потврда на „двојката“

Во последниот натпревар од саботната програма на 20 коло, кошаркарите на Пелистер стигнаа до убедлив триумф против Феникс 2010, кој на две кола пред крајот на регуларниот дел им ја носи втората стартна позиција пред почетокот на плеј-офот. 

ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010        93:74

Маслинко и Карутерс беа вистинска енигма за одбраната на Феникс 2010 во првото полувреме од дуелот во салата „Боро Чурлевски“. Репрезентативното крило имаше висок процент на реализација (6/9 од поле), кој го донесе до 16 поени, а одличен асистент во офанзивата му беше Карутерс, кој додаде десет. „Видливо“ на резултатот, кој постојано беше во корист на нивниот тим.

На истекот на првата четвртина, Пелистер веќе имаше пвеќе од солидно водство (25:12), кое го задржа и до одморот (42:31).

Гостите од Скопје, кои во продолжението на сезоната и доигрувањето, ќе играта во уште пократка ротација, и без странски кошаркари, го имаа расположениот Трајковски, кој реализираше десет поени, Митревски реализираше осум, а по пет имаа искусните Јанески и Димчевски.

По одморот, гостите до Скопје се доближија на (40:46), но ништо повеќе од тоа, затоа што тргна серијата од осум по ред поени на Пелистер, за највисоко водство.

На средина на третата четвртина, по полагањето на Маслинко, „бело-зелените“ водеа со (54:40). Ни тајм-аутот на тренерот Дервишевиќ не донесе прекин на серијата на битолскиот прволигаш. Пелистер дојде и до уште повисоки (59:40). Згора на тоа гостите останаа и без Трајковски, кој доби две технички грешки и мораше предвреме да го заврши натпреварот.

Дилеми околу тоа кој ќе го добие овој меч, повеќе немаше...

Пелистер, кој на овој натпревар го немаше бековскиот тандем Стајиќ-Караџовски, стигна до 16. триумф во 20. одиграни натпревари, Феникс 2010 сега има скор (11-9), ист каков што има и Еуро Никел 2005, и се „спушти“ место подолу на табелата.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 20. КОЛО

Пелистер – Феникс 2010           93:74

Гостивар – Еуро Никел 2005    85:65

Работнички – Чаир 2030            83:67

ТФТ Mozzart – Струмица 2022 92:82

3.АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК)

20.30: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув

Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Rpx4SHY96Rk?feature=share

4.АПРИЛ (ВТОРНИК)

18.00: Навико Академија ФМП – Куманово 2009

Сала „Независна Македонија“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/zPEshf08DZU?feature=share

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 36 (-1), Пелистер 36, ТФТ Mozzart 34, Гостивар 34, Работнички 32, Феникс 2010 31, Еуро Никел 2005 31, Кожув 27 (-1), Чаир 2030 24, Навико Академија ФМП 23 (-1), Куманово 2009 23 (-1), Струмица 2022 22;