30.10.2022

Домашните екипи сигурни, Пелистер пресилен за Струмица 2022 (114:101), а Кожув делуваше убедливо против Чаир 2030 (99:83)

ПРВА ЛИГА-МАЖИ: Пелистер, во „свој стил“, им испорача 114 поени на струмичани, а на Кожув му недостасуваше поен за „стотка“

Две убедливи победи на домашните екипи во неделната програма од 4. коло од Првата лига-мажи. 

Во Битола, Пелистер делуваше сигурно против Струмица 2022, а во Гевгелија, ефикасна претстава и победа на Кожув против дебитантот, екипата на Чаир 2030. 

КОЖУВ – ЧАИР 2030        99:83

Малку поинаков, подобар Кожув беше „виден“ во дуелот против новакот во прволигашката конкуренција, Чаир 2030.

Ако во првото полувреме се некако делуваше доста рамноправно, работите почнаа да се менуваат со почетокот на третата четвртина. Минути во кои екипата од Гевгелија успеа да го скрши отпорот на упорните чаирчани.

По водството кое го имаа на полувремето (52:47), во 28.минута Кожув стигна до највисоките (75:57), за тој период од играта да го затворат со нешто пониски (77:64), откако најдобриот играч на Чаир 2030, Јусуф Мохамед погоди за три поени и ја затвори серијата (7-2) на гостите.  

Најдобриот стрелец во лигата, Мајрон Гордон доби сериоза поентерска поддршка од Дианџело Хантер, во три четвртини искомбинираа 35.поени за Кожув, но можеби најважната „логистика“ тигна до најискусниот во тимот, Александар Штерјов. Делуваше скоро, па непогрешливо крилото на Кожув, собра 17.поени без промашување во шутот од поле (7/7) и од линијата за слободни фрлања (3/3).  

Гостите намалија и на (66:77) во првиот напад од последната четвртина. Но тогаш тргна серијата од девет поени, со која гевгеличани стигнаа до недостижни (86:66).

Гордон заврши со двофрени бројки во графата на поени – 25, и асистенции-10, Хантер постигна еден помалку – 22, дополнети со седум скока, а Штерјов го задржа стонастотниот ефект кај Кожув.

Во составот од Чаир, одлични бројки на Мохамед – 31. поен и 13.скока, 12 даде неговиот сонародник Френклин, а по одличниот почеток, Михајлоски застана на 11.реализации.    

ПЕЛИСТЕР – СТРУМИЦА 2022  114:101

Доста ефикасно прво полувреме одиграа Пелистер и Струмица 2022 во салата „Боро Чурлевски“. Стил на игра, кој, извесно, повеќе им одговара на битолчани, кои и во изминатите сезони практикуваа(т) игра „за поен повеќе“, а во која „се вклучи“ и повратникот во друштвото на најдобрите.

Уште во првата четвртина дојде најавата до домашната страна, со реализација на дури 30.поени (примени пет помалку).

Практично во исто темпо продолжи играта и во вториот квартал, со „заедничка оценка“ на полувремето, многу попозитивна за „пелистерци“.

Водеше домашниот состав со сосема солидни (54:45), креирани со 50% на реализација (9/18) во шутот за три поени. Односно 15.поени кои дојдоа од одличниот Караџовски и уште 13 од Хаџифејзовиќ.

И слична „поделба“ на поените во екипата од Струмица каде Mамузиќ даде 12, а Крстајиќ уфрли еден помалку.

Серија од (7-0) го одреди понатамошниот тек на средбата во Битола. Пелистер ја покачи позитивата на (61:45). Во тој трет дел од играта битолчани делуваа и најефикасно, броеја до 32.реализации, и имаа високи (86:67) во резултатот.

Сличен беше и по четири минути игра од последната четвртина (94:75). Во последните шест, гостите од Струмица се обидуваа негативата да ја сведат на пристојна. Крстајиќ донесе прифатливи (93:105) но останаа само две и пол минути за евентуално комплетно „враќање во мечот“ а беа резервирани за „вторите играчки единици“ на двете страни од теренот. 

Ова 4. коло од Првата лига, ќе биде затворено утре вечер, со дуелот во СЦ „Јане Сандански“ од 18.часот, каде ќе играат МЗТ Скопје Аеродром и Навико Академија ФМП. 

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 4. КОЛО

Кожув – Чаир 2030          99:83

Пелистер – Струмица 2022       114:101

Феникс 2010 – Куманово 2009            89:66

ТФТ – Еуро Никел 2005  87:70

Гостивар – Работнички   87:76

31.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК):

18.00: МЗТ Скопје Аеродром - Навико Академија ФМП

СЦ „Јане Сандански“ - Скопје

ЛИНК: https://youtu.be/KrIQAexs_e8

ТАБЕЛА: Гостивар 8, Феникс 2010 7, Еуро Никел 2005 6, ТФТ 6, Чаир 2030 6, Кожув 6, МЗТ Скопје (5 (-1), Kуманово 2009 5, Струмица 2022 5, Навико Академија ФМП 4 (-1), Работнички 4;