Во првите два натпревари од 16 коло, сигурна победа зе Пелистер против Куманово, и далеку понеизвесен меч во СЦ „Кале“. Дуел на двете екипи-соседи, и на крајот, по екстра период од пет минути, победата им припадна на кошаркарите од Тафталиџе.
ПЕЛИСТЕР – КУМАНОВО 2009 104:70
По израмнетиот прв период, во кој двете екипи поделија по 24 поени, „пелистерци“ притиснаа многу повеќе во вториот. Гостите од Куманово одржуваа егал, но не за долго. Веќе во 15 минута, „зелено-белите“ се одвоија на (35:29), две минути подоцна, имаа и повисоки (41:33), а првата двоцифрена разлика ја донесе, со тројка, Караџовски (50:38).
На полувремето домашната екипа имаше и највисок плус - (52:38). Креиран од Хаџифејзовиќ и Карпентер (комбинирано 24 поени), но свој придонес со девет поени даде Карутерс, еден помалку пак имаше повратникот Силаџи.
Во вториот дел од играта, домаќинот многу брзо стигна до предност која беше многу тешка за стигнување од страна на не баш амбициозните кумановци. Во 28. минута веќе беше плус 30 за Пелистер (80:50), и повеќе од доволно да се запише нов триумф со кој се држи оној минус од една победа во однос на лидерот МЗТ Скопје.
ТФТ МOZZART – РАБОТНИЧКИ 92:89
По релативно израмнетиот прв период, во кој на истекот на 10 минута Работнички имаше само еден поен вишок (22:21), после пет минути играње во втората четвртина, тимот кој го предводи Димитар Мираковски веќе имаше голема предност, двоцифрени (37:25).
И делува навистина несфатливо, како „црвено-белите“ едноставно застанаа да играат кошарка во оние наредни пет. Минути во кои ТФТ се „врати во живот“.
И тоа како, со голем пресврт по кој до полувремето дури и преминаа во водство (43:39).
Доста „мирен“ кога се во прашање резултатските шокови беше третиот дел од играта, беше налик на оној првиот. За тоа сведочи и резултатот на семафорот, само два поени предност за екипата која ја имаше и по 20 минути (64:62).
Сепак, Работнички повторно беше екипата која се стекна со солидно водство, на почетокот на последниот дел. Со серија од (10-1), условно земено, „гостите“, го вратија водството, имаа солидни (72:65). Но останаа да се играат нецели осум минути од дерби мечот на ова 16 коло.
Во наредните пет минути, ТФТ односно ја стигна негативата. По тројката на Зафиров повторно нерешени (75:75) и само уште три, за финална одлука околу победникот.
Новиот пресврт, со нова тројка (за него петта на натпреварот), го донесе еден од најискусните играчи на ТФТ, Костоски (78:75). Но и тука не беше крајот, на потег беа „црвено-белите“. Прво Нотиџ погоди тројка, а потоа нивниот нов играч, Џелетовиќ ги погоди двете слободни фрлања, за промена на водството (80:78). Го поништи младиот Ташовски, исто така од линијата за слободни фрлања, за (80:80) на 12 секунди пред крајот. Шансата за победа во регуларниот дел ја упропасти новакот Умпиг, па во „Кале“ мораше да се игра продолжение од пет минути.
Во нив, Зафиров даде уште една особено важна тројка за премина на ТФТ во ново водство, сега од (88:86), кое со два погодени „пенали“ го покачи Костоски (90:86).
Марковски со точен обид зад линијата 6.75 метри, ја врати надежта за успех на Работнички. Останаа седум секунди во кои Костоски остана „мирен“ од линијата за слободни фрлања, донесе (92:89), кои противникот не успеа да ги стигне во оние пет секунди кои останаа за доигрување.
Комплетната прва петорка на „бело-црните“ (не заигра новакот Марко Симоновски) заврши со двоцифрен број на поени, Костоски беше стрелец на 24. поени, 16 реализираше Батрик. Одличниот Зафиров финишираше со 14, Мекбраер имаше 12.
Слична беше распределбата на поените и кај Работнички. Џелетовиќ на дебито постигна 20.поени, Бакоч имаше еден помалку, Шошкиќ додаде 12, Малешевиќ имаше 11, а Нотиџ и Умпиг по 10.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 16. КОЛО
Пелистер – Куманово 2009 104:70
ТФТ Моzzart – Работнички 92:89
Феникс 2010 – Чаир 2030 (во тек)
4. МАРТ (САБОТА):
17.00: Гостивар – Навико Академија ФМП
Сала „Младост“ – Гостивар
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/5oGs1PdatxE?feature=share
18.00: Кожув – Еуро Никел 2005
Сала „26.април“ - Гевгелија
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/GHDVnhCEOOQ?feature=share
6. МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК):
17.00: Струмица 2022 - МЗТ Скопје Аеродром
Сала „Парк“ – Струмица
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/oZYBc870iso?feature=share
ТАБЕЛА: Пелистер 29, МЗТ Скопје Аеродром 28 (-1), ТФТ Mozzart 27, Феникс 2010 24 (-1), Еуро Никел 2005 24 (-1), Гостивар 24 (-1), Работнички 24, Кожув 22 (-1), Куманово 2009 19, Чаир 2030 18 (-1), Навико Академија ФМП 18 (-1), Струмица 2022 17 (-1);