Откако во првите два натпревари од серијата за опстанок постигна вкупно шест поени, Марко Симоновски го одигра натпреварот на сезоната и е најзаслужен што клубот од Гевгелија и догодина ќе игра во кошаркарската елита.
КОЖУВ - ЦРН ДРИМ ГРИН МОБИЛЕ 91:78
Кожув триумфираше со , благодарение на македонскиот репрезентативец кој постигна осум тројки од десет шута и постигна вкупно 30 поени за индекс 34. Црн Дрим некако се одржуваше во игра до почетокот на последната четвртина, но во првите шест минути од последниот квартал, резултатот беше 14-2 за вкупни 83-65 за гевгеличани по што веќе немаше назад за гостите.
Во клучните моменти се истакнаа и Станојевиќ, Лок и Скот кои, исто така, постигнаа двоцифрен број поени. Заедно со добриот напад, Кожув се истакнаа со одбраната против Пантиќ кој беше задржан на само девет поени, за разлика од првиот меч во Гевгелија на кој постигна 28. Домаќините ја добија и битката под кошевите, остварија осум скока повеќе од противникот (34-26) што на крајот е уште еден елемент кој го одлучи победникот.
Најефикасен во тимот на Црн Дрим беше Жоао Марсело кој постигна 25 поени и девет скока, но стружани немаа помош од клупата од каде дојдоа само девет поени.
Така, десетта сезона во низа Кожув ќе настапува во Првата лига на Македонија, а Црн Дрим по една година се враќа во второлигашка конкуренција.