03.05.2023

Иако со ултра кратка ротација, без својот најдобар играч, го изненадија Пелистер, славеа победа (83:81), за (1-1) во серијата

ПРВА ЛИГА МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ: Феникс 2010 не се предава, ја врати серијата во Битола

Екипите на Пелистер и Феникс 2010 ќе мора да одиграат и трет натпревар во кој ќе одлучат која од нив ќе игра во полуфиналето на плеј-офот.

Ова откако вечерва на мечот во СЦ „Јане Сандански“, составот на Феникс 2010 направи изненадување, го победи вториот носител во доигрувањето за шампионската титула.

ФЕНИКС 2010 – ПЕЛИСТЕР        83:81 (1-1)

Првото полувреме кое ослабениот Феникс 2010 го доби со (43:40) го одбележија одличниот процент на реализација за три поени на домашната екипа, и „враќањето“ на Андреј Маслинко во составот на Пелистер.

Домаќините погодија дури осум тројки (од 16. обиди). И ако тоа се очекуваше од Димчевски (постигна три тројки), во тоа сосема добро шутерско издание се приклучија уште и Петков и Темелковски (дадоа по две), и искусниот Јанески со уште една.

Добриот шут го држеше домаќинот, кој не можеше да смета на Трајковски.

Но на другата страна, иако почна од клупата за резерви, Маслинко стигна до 18. реализации, со шут од игра од 70% (7/10).  

Домаќините го одржуваа тоа скапоцено водство и во продолжението на играта. На средината од третиот период, со „два плус еден игра“, Јанески постави (59:55) на семафорот, кои на највисоки ги зголеми Хот (61:55). .

До крајот на третата четвртина „пелистерци“ се вратија, и поведоа, а по исклучувањето на Димчевски (доби две технички грешки) имаа и плус од три поени (68:65). Но Петкоски не даде разликата да биде и поголема, положи за (67:68).    

Во ист стил кошаркарите на Феникс 2010 продолжија и во последниот. На нешто помалку од четири минути до крајот, поведоа со (80:74).

Но останаа да се одиграат доста секунди на овој интересен натпревар во СЦ „Јане Сандански“.  По серија на грешки и нереализирани обиди, Петков погоди едно слободно фрлање за (83:81). Но остави и полни 24 секунди за последен напад. Имаа две шанси за победа „зелените“ од Битола. Но прво не погоди (за три) Стајиќ, а некоја секунда потоа, одбиената топка во троја не ја претвори ниту Карпентер.  

Затоа и ќе се игра „мајсторка“ во оваа серија која сега е израмнета...

ПРВА ЛИГА МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ - ВТОРИ НАТПРЕВАРИ

Феникс 2010 – Пелистер 83:81 (1-1)

Кожув - МЗТ Скопје Аеродром 81:95 (0-2)

Еуро Никел 2005 - ТФТ Моzzart 72:76 (1-1)

4. МАЈ (ЧЕТВРТОК):

17.00: Работнички – Гостивар (0-1) (МРТ3)

Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/3FqVwqA0ueQ?feature=share