Последен учесник во полуфиналето на плеј-офот за шампионската титула е екипата на Пелистер, која во третиот и решавачки натпревар, беше подобар од Феникс 2010, благодарение на одлишно одиграната трета четвртина, која битолчани ја решија во своја корист со високи (26:11).
ПЕЛИСТЕР - ФЕНИКС 2010 81:56 (2-1)
По нецели шест минути, Пелистер поведе со (18:11), знак за тренерот на Феникс 2010, Денис Дервишевиќ да побара тајм-аут. Но не помогна многу таа минута, затоа што домашната екипа продолжи со ефикасната игра. „Бело-зелените“ изградија уште повисока предност, имаа двојно поголеми (22:11). До крајот на првата четвртина, гостите направија мини-серија од (7-0) со која фатија приклучок, (18:22), поентираа најчесто преку Хот, кој собра осум поени во тој прв период од „мајсторката“ во Битола.
Во оној наредниот, максимално рамноправна игра. Се покажа дека тие плус 11, беа и највисокото водство за битолчани во првото полувреме. Гостите, иако без помошта на својот прв играч, Бојан Трајковски, со бедоволно заздравен Ивица Димчевски, и другите млади кошаркари, сепак, успеа да одржи резултатска рамнотежа.
По тројката на Јанески, Феникс 2010 дојде и на само еден поен заостанување (32:330, пред Маслинко да одговори на идентичен начин, за (36:32), кои ги намали Димчевски, со својот прв поен на мечот, за отворен резултат (34:36) со кој се замина на „голем одмор“.
А Јанески и Митревски се погрижија за првото водство на Феникс 2010 (39:38). Но тоа беше со „краток рок на траење“, затоа што битолчани отворија нова серија. Сега од девет поени, за одново да воспостават резултатска доминација, за да поведат со (47:39).
И за нов гостински тајм-аут, но уште еднаш неуспешен затоа што домашниот тим се одвои и на двоцифрена позитива (49:39) по 24.минути игра од овој меч на одлука кој оди во полуфиналето.
Долго останаа на само тие пет поени гостинските кошаркари во третата четвртина. А во тоа временско „интермецо“ на Феникс, Пелистер „побегна“ на уште повисоки (57:39).
Доволни за премин во полуфиналето, каде ги чека серија „подобар од три натпревари“ против екипата на ТФТ Mozzart.
Репрезентативниот двоец Стајиќ-Маслинко го усмери својот тим кон следната натпреварувачка фаза. Во тие три четвртини искомбинираа 32. поени (15 и 17), од оние 62 кои ги имаше Пелистер во тој дел од натпреварот(Феникс 2010 имаше 45).
На крајот, сите пет стартери во екипата на Марјан Илиевски имаа десет и повеќе поени. на другата страна пак Хот заврши како двоцифрен во бројот на поените - 22, но и во скоковите - 11, а по десет реализации на простувањето со оваа сезона, допишаа уште Митревски и Јанески.
Со оглед на подобриот стартен број, „пелистерци“ ќе ја имаат предноста на домашен терен, додека пак втората полуфинална двојка ја сочинуваат вечните ривали во македонската кошарка, екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
ПРВА ЛИГА МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ - ТРЕТИ НАТПРЕВАРИ
Пелистер - Феникс 2010 81:56 (2-1)
Гостивар – Работнички 63:77 (1-2)
ТФТ Моzzart - Еуро Никел 2005 73:59 (2-1)
ДВОЈКИ - ПОЛУФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички
Пелистер - ТФТ Mozzart