30.04.2023

Изненадувачки, и со скратен ростер, Феникс 2010 беше на чекор до изненадување, но победата и водството (1-0) се за битолчани (90:86)

ПРВА ЛИГА МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ:„Пелистерци“ стравуваа до последната минута, но го добија Феникс 2010

Феникс 2010 беше во игра да изненади во Битола се до последната минута. Но „пелистерци“ се одбранија и поведоа со (1-0) по првиот одигран меч од четвртфиналето на Плеј-офот за шампионската титула

ПЕЛИСТЕР – ФЕНИКС 2010        90:86 (1-0)

Изненадувачки, макар за битолчани, Феникс 2010 ја доби првата четвртина, макар и со минимални (24:23).

Но на почетокот на втората, со серија од (9-0), во само две и пол минути, Пелистер го презема водството, поточно поведе со (32:24).

И не го испушташе до крајот на првото полувреме во кое гостите од Скопје се доближија на само два поени негатива (39:41). Но финишот на првиот дел беше во знакот на „бели-зелените“. Со серија од осум поени, дојдоа на највисоките (49:42).

Дел од играта во кој кај Пелистер веќе отскокнаа Стајиќ со 14, Карпентер со 13, и Хаџифејзовиќ со 12. поени. На другата страна пак, во тој поентерски дел, единствен „двоцифрен“, со 11. реализации беше Митревски.   

Некако слично се одвиваа работите и во третиот период од играта. Со разлика што во овој дел, „пелистерци“ изградија големи (65:52), како што беше на семафорот во 29.минута од мечот. Но за само 77 секунди Феникс 2010 даде осум поени, и дојде до прифатливи (60:65) по три одиграни четвртини.

Во онаа последната пак, слично сценарио, Пелистер ќе направеше осетна предност која Феникс 2010 знаеше да ја стигнува.

Така беше и по положувањето на Митревски, кој постави (80:81) на семафорот во салата „Боро Чурлевски“ кога останаа да се доиграат две и пол минути. Веднаш, со тројка, врати Карутерс. Но одговори и Трајковски, за – 2 (82:84) на 1:44 минута до крајот.

Новото невнимание во одбраната на гостите, со тр,ојка го казни Стајиќ (негов 22.поен) за поголеми (87:82). А откако Петков поентираше од линијата за слободни фрлања, Карутерс беше точен уште еднаш, и по неговата нова тројка, Пелистер „побегна“ и на шест поени (90:84). Ги намали Трајовски, а шанса за нешто повеќе гостите добија по грешката на Карпентер. Но имаа само 19. секунди за да стигнат четири поени негатива. Обидот на Митревски остана на обрачот, победата за Пелистер кој поведе со (1-0) во оваа четвртфинална серија.

ПРВА ЛИГА МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ЧЕТВРТФИНАЛЕ

РЕЗУЛТАТИ - ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Пелистер – Феникс 2010           90:86 (1-0)

МЗТ Скопје Аеродром – Кожув           (во тек)

ТФТ Моzzart – Еуро Никел 2005          62:70 (0-1)

Гостивар – Работнички   76:69 (1-0)