Во првиот меч од големото финале на плеј-офот, МЗТ Скопје не остави простор за никакво изненадување. Водеа од првата до последната минута „металците“, и се чини полесно од очекувањата, стигна до првиот поен во одбнрана на шампионската титула.
За неколку дена ТФТ ќе ја (по) бара втората шанса за прва победа во СЦ „Јане Сандански“ откако е во Првата лига. Првиот „впечаток“ е далеку од позитивен за предизвикувачот во големото финале.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ТФТ 67:49 (1-0)
Екипата која го брани шампионскиот трофеј за нијанса подобро „го отвори“ првиот финален меч од серијата „подобар во пет натпревари“.
На првиот „прекин“ домашниот тим водеше со (15:11), а за тој краток временски интервал (од пет минути), сите петорица стартери на МЗТ Скопје се запишаа во листата на стрелците.
Им парираше Зафиров, со две тројки...

Поведе актуелниот првак и со (19:11), со серијата од шест поени на расположениот Магдевски. Но првиот период аеродромци го заклучија со нешто пониски (25:20).
По поените на Ташовски, ТФТ се доближи и на само еден поен негатива (24:25). „Одговори“ со пет поени Андоноски. Но серијата ја продолжи Маслинко (се врати во тимот по повредата), кој донесе двоцифрени (36:25) по нецели 16.минути игра.
Во тој дел од финалето, гостите застанаа со шутот за три, останаа на оние четири тројки од почетниот период. Закочија на тие 25 поени долго време. Домашната екипа поведе и со уште повисоки, (38:25), а потоа, по реализацијата на Едвин и максимални, плус 15, (41:26).
Тоа беше резултатот и на полувремето кое гостите од Тафталиџе нема да го паметат како добро.

Во тој „стил“, далеку посакуван продолжија „црно-белите“. Противникот ги притисна ушт епосилно во оној дефанзивен дел, искреира предност и од 21. поен (55:34), како што стоеше на семафорот во 28.минута од играта. Во преостранатите две ТФТ симна дел од големата негатива, намали на (39:55).

Последните десет минути не донесоа некои посериозни промени, ни во играта, уште помалку во резултатот. Фаворитот ја бранеше високата позитива, противникот како да немаше доволно енергија за „нешто повеќе“, па првата рунда, повеќе од заслужено оди за МЗТ Скопје Аеродром, кој е домаќин и на вториот меч, кој многу веројатно ќе се игра на 26. мај (понеделник).
Војдан Стојановски го заврши натпреварот со 12. поени, неговиот брат Дамјан имаше 11.
Во бледото издание на ТФТ, Говенс и Стојаноски дадоа по девет поени, Зафиров имаше осум, Браун седум....
Малку, премалку за еден учесник во еден финален натпревар...
ПРВА ЛИГА-МАЖИ - ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТ - ПРВ НАТПРЕВАР
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ТФТ 67:49 (1-0)