29.05.2025

Одговорот следува вечерва (19.30 часот) во СРЦ „Кале“, каде се игра третиот натпревар од финалето на плеј-офот

ПРВА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ ФИНАЛЕ: Може ли ТФТ да биде подобар од МЗТ Скопје и да ја продолжи финалната серија?

Фактите се на страна на актуелниот бранител на шампионската титула. Реалноста вели дека на МЗТ Скопје му е потребна само уште една победа за да го одбрани трофејот кој така упорно го чува во своите витрини во СЦ „Јане Сандански“.

Впрочем, за МЗТ Скопје ова ќе биде вкупно 19. финална серија, што е уште поважно, играат по тринаесетти пат по ред „сино-белите“од Аеродром.

Досега победиле во 11. серии (имаат и седум порази во финалето, сите во дуелите со Работнички).

Вечерва (19.30 часот), ќе имаат можност момците кои ги предводи тренерот Васко Атанасов да дојдат и до 12. шампионски пехар, или да ја продолжат доминацијата која ја воспоставија во изминатата декада (и нешто повеќе).

ТФТ пак е во улога на дебитант во вакви серии, а така „делуваа“ момците во „црно-бела“ комбинација на првиот меч од серијата. Беа далеку подобри во втората, но останаа без посакуваниот „брејк“ во СЦ „Јане Сандански“.

Практично го зголемија оној императив, она „морање“ во обидите да се покаже дека ја играат најуспешната сезона од формирањето на клубот, во оној првенствен дел (претходно го освоија Купот на Македонија).

Добра работа за избраниците на Боро Смилковски е што вечерва играат на свој терен во салата на СРЦ „Кале“, каде што немаат таква лоша традиција на порази каква што е напишана низ оние гостувања во Аеродром.

Во мечот од типот „да се биде или не“, и немаат што многу да загубат, затоа што ова е, како што тренерот на тимот од Тафталиџе повеќе пати потенцираше, е сезона над сите нивни очекувања.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ – ПЛЕЈ-ОФ – ФИНАЛЕ

ТРЕТ НАТПРЕВАР – 29.МАЈ (ЧЕТВРТОК)

19.30: ТФТ - МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ (МРТ3)

Голема сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/XyxfFGkkb6s?si=1TdS3zpdrBenuLTc